Државите во светот се подготвуваат за заштита од евентуално ширење на коронавирусот, од кој досега починаа 2.763 лица, а се заразени 80.970.
Најмногу заразени во Европа има во Италија каде што починаа 11 лица, а позитивни на вирусот се околу 300. Први случаи се забележани и во Хрватска, Швајцарија и Австрија, пренесува Си-Ен-Ен.
Во Велика Британија, но и во другите европски земји, учениците кои се враќаат од екскурзија се советуваат некое време да останат дома. Исто така, издадени се препораки да не се патува во Италија.
Властите во САД соопштија дека очекуваат ширење на заразата од новиот коронавирус наречен Ковид-19 и ги повикаа училиштата, компаниите и локалните власти да размислат за мерките на претпазливост како што е откажување јавни настани.
Во Австралија се регистрирани 23 случаи позитивни на вирусот.
Нови случаи на вирусот се забележани и во Хонгконг, Бахреин, Тајланд, Филипини и Јапонија.