Домашни и странски професори и претставници на граѓански организации кои работат на проекти од областа на образованието што учествуваа на конференцијата „Образовни реформи: предизвици и перспективи во образованието на наставниците“ во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ), ги поттикнаа прашањата за квалификуваноста на наставниците во основното образование во Македонија, како еден од условите за квалитетен образовен процес, а дискутираа и за глобалните трендови на ова поле.
На оваа конференција беше презентирано истражувањето „Образованието на наставниците во основното образование во Македонија: Состојби и предизвици“ чии автори се пет универзитетски професори.
„Презедовме мерки со кои првична цел ни беше да ги мотивираме наставниците кои работат. Но, истовремено да ги стимулираме средношколците кои завршуваат со најдобар успех да се запишуваат на факултетите кои продуцираат наставници. Но, за да се привлечат најдобрите ученици да станат наставници прво треба да изградите професија наставник како достоинствена професија и ние работиме на тоа. Мерките кои што се предлагаат во спроведеното истражување кое се презентира денеска и проблемите кои се нотирани се драгоцен придонес во процесот на реформирањето. Ве уверувам дека ќе бидат земени предвид во натамошните мерки на Министерството за образование“, рече Рената Дескоска, министерка за образование и наука, во нејзиното обраќање на конференцијата.
Во последниот панел на конференцијата, неколку странски експерти отворија дискусија за глобалните трендови и перспективите во образованието на наставниците во дел од земјите во регионот. За своите искуства зборуваа Хју Меклин, директор на програмите за образование на ФОО, Блерим Сакипи, професор на Педагошкиот факултет во Приштина и неговиот колега од Педагошкиот факултет во Љубљана Јанез Крек, Радмила Рангелов Јусовиќ, извршна директорка на Центарот за образовни иницијативи „Чекор по чекор“ од Сараево и Јанез Вогринц, декан на Педагошкиот факултет во Љубљана.
МЛ