Државниот секретар, Драган Николиќ денеска ја отвори работилницата на проектот „Глобални дијалози за сајбер – политика: сајбер дијалог во Западен Балкан“, која е во ко-организација на Министерството за одбрана, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, Истражувачката фондација „Обсервер“ од Америка, Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија и Фондацијата „Метаморфозис“, информираат од Министерството за одбрана.
Државниот секретар Николиќ во своето обраќање истакна дека сајбер-одбраната и зголемувањето на сајбер отпорноста преку соработка помеѓу тимовите за одговор на компјутерски инциденти е уште еден современ пристап и концепт кон ова значајно прашање. Секако, од голема важност е оваа тема да се дискутира во земјите на Западен Балкан кои се соочуваат со истите безбедносни предизвици и закани како и другите земји во европската и евроатлантската област.
„Напредокот во европските и евроатлантските интеграции го поттикнува раководството на Западен Балкан да ги исполни одредниците за сајбер-управувањето на Европската Унија и НАТО со придржување до ‘произлезените државни надлежности’, бидејќи веројатноста за сајбер напади постепено ќе се зголемува. Добро е познато дека актуелната агенда за проширување на ЕУ ги опфаќа партнерите од Западен Балкан“, рече државниот секретар.
Николиќ додаде дека Северна Македонија го основа својот Национален Центар за одговор на компјутерски инциденти (MKD-CIRT) во 2015 година, кој служи како национална точка за контакт и координација, известување и управување во справувањето на безбедносните инциденти кај мрежите и информациските системи на националните институции.
„Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија ќе останат силно посветени на модернизацијата на одбранбениот систем и континуирано ќе вложуваат максимални напори за унапредување на одбранбените способности и одбранбените капацитети. Преку имплементацијата на основните постулати на усвоените стратешки документи, Северна Македонија ќе продолжи со одржување и зајакнување на националниот одбранбен и безбедносен систем во согласност со очекувањата на НАТО“, истакна Николиќ.
М.Д.