Во присуство на високи претставници на владата и државниот врв, институции, невладини организации и бизнис секторот, вечерва во германската амбасада во Скопје во живо се следат парламентарните избори во Сојузна Република Германија.
Во својот говор пред присутните, германската амбасадорка Анке Холштајн, истакна дека ова се неизвесни избори, на кои се одлучува и за тоа кој ќе ја наследи канцеларката Ангела Меркел која беше на власт цели 16 години.
Уште малку затвораат избирачките места во Германија. Тоа се најважните избори за Германија, но и за Европа и светот. Вниманието на светот е свртено кон германските гласачи, во исчекување на нивната одлука. Кои се фаворитите, според досегашните истражувања на јавното мислење во Германија, кои имаат шанса да седнат во жешкото столче на незаменливата лидерка, Ангела Меркел? Во пресрет на една од најважните одлуки што ќе бидат донесени во Европа, а кои се во рацете на германските граѓанки и граѓани, објавуваме неколку извадоци од текстови објавени во ЦИВИЛ МЕДИА.
Во анализата „Изборите во Германија и Западен Балкан: Како да станеме поинтересни за ЕУ“ од Александар Николиќ Писарев, објавена на 18 септември 2021, објавени се кратки белешки за тројцата најголеми фаворити:
Олаф Шолц е најпопуларниот кандидат за новиот канцелар на Германија. Во моментов е вицеканцелар и министер за финансии.
Армин Лашет е долгодишен поддржувач на Меркел. Тој е премиер на најбројната германска сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија и од 2012 година е еден од петтемина потпретседатели на ЦДУ.
Аналена Баербок од партијата на Зелените, долги години била заменик-претседател на таа партија, правник е со диплома за меѓународно јавно право на Лондонското училиште за економија.