Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) и Алијансата за Албанците, искажаа незадоволство од предлогот на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, за прекинувањето на надоместокот за трето дете, во износ од 8.000 денари. Во изјава за Алсат-М, пратеникот Артан Груби изјави дека парламентарната група на ДУИ нема да го поддржи предлогот во Собраие. Груби вели дека ваквите решенија треба да се донесуваат на консензуален начин и дека Владата треба да спроведува политика на зголемување на наталитетот.
„Прв пат слушнав за овој предлог преку информативните канали, и мислам дека за ова не се дебатираше ниту во Влада. Затоа велам дека најдобрите политики се тие што се градат на основа на консензус и прифаќање од сите страни. Сметам дека треба да се отвори дебата, но секако дека нашиот став е дека овие мерки, всушност имаа видлив резултат посебнонкај граѓаните со коишто сме во секојдневна комуникација“, изјави Артан Груби од ДУИ.
Од Алијансата за Албанците прашуваат дали можеби на министерката Царовска и запречило што половина од корисниците на овој надоместок се албанци и дека кај албанците имало успех во порастот на наталитетот.
„Образложенијата на министерката Мила Царовска не се цврсти и не можат да се аргументираат, напротив, сите аргументи се во прилог за продолжување на надоместкот. Овој закон го стимулираше наталитетот, секако, не во ист број во секоја општина. Се чини дека на Владата и пречи што од 26.150 семејства кои се корисници на надоместокот, 50% се албански семејства“, изјави Елми Азири од АА. Според него, уште еден факт што оди во прилог е дека надоместокот за трето дете е во влијанието на падот на нивото на сиромаштијата.
„Податоците од Заводот за статистика покажуваат дека нивото на сиромаштија пред субвенциите е 40, 7%, а по социјалните субвенции е 22,7%, што е доказ дека оваа мерка, заедно со другите мерки, влијаат на намалувањето на сиромаштијата во земјата, уште повеќе кога 50% од сиромашните семејства имаат по три или повеќе деца. Оваа мерка исто така придонесува за подобрувањето на нееднаквоста во неправичната распределба на националните приходи во Македонија, што е меѓу највисоките во Европа“, вели Азири.
Арбен Зеќири
Обработка: Д. Тахири