Почитувани мои!
Како дете од мешан брак, од татко Албанец и мајка Србинка и со темна боја на кожата, јас отсекогаш чувствував криза на идентитет и постојано морав да се правдам дека не сум националист, шовинист или Ром бидејќи кога и да ме караа или напаѓаа за некој мој настап, ми се обраќаа со “циган низаеден“ или “шиптар“! Длабоко и искрено им се извинувам на моите сограѓани Роми и Албанци што морав ова да го кажам на ваков начин, но, ова нема никаква врска со нив.
Кога се распадна бившата држава, СФРЈ, јас бев студент, надвор од тогашна Македонија и не ја разбрав најдобро целта или умислата на одредени политичари кои мавтаа со својот патриотизам и национал-шовинизам преку кој се фаворизираа исклучиво само себе и заедницата на која и припаѓаат. Бидејќи учам и пропагирам дека сите сме еднакви пред Бога а најдобар е тој што е најсвесен за своите обврски и должности кон Него, морам да признаам дека во тоа време малку блесаво и наивно реагирав во текот на еволуцијата на политичките партии на македонската политичка сцена. Во еден момент можеби и отстапив од своето религиозно убедување, кое пропагира антинационализам и антишовинизам, како да почнав да ја оправдувам сета онаа омраза и нетрпеливост која кај нас, обичните смртници, ја предизвикуваа политичарите со нивниот “родољубски“ речник.
Богу фала, таа моја ментална будалаштина не траеше долго, но, сепак се запрашав себеси: како беше можно да си дозволам такво нешто? Потоа ми стана јасно дека во време кога од сите страни Македонија беше погодена од секакви националистички шовинизми, јас се пронајдов во политиката на ДУИ, да бидам до даска искрен со вас, верувајќи дека тие се откровението на правдата!! Така се чувствуваа 99,9% од албанското население во Македонија, на жалост!
ДУИ многу вешто го искористи таквото расположение на народот и многу паметно си ја уновчија таквата политика која понекогаш резултираше и со отворени улични крвави пресметки помеѓу бандите инволвирани во бизнис интересите на ДУИ. Тоа редовно го гледавме на улиците во Чаир. Глупоста зема на замав кога во политиката длабоко се замешаа и челништвата на МПЦ и ИВЗ давајќи несебична подршка на ултра националистичките настапи на водечките политичари на кои око не им трепна кога во верските објекти почнаа да се одигруваат физички пресметки кои итро се криеја од очите на јавноста.
Така, ДУИ влезе длабоко под кожата на напатениот народ кој, заслепен со “позитивните доживувања“ на патриотската “правдина“ на оваа партија, самоволно прифати да го одглуми тројанскиот коњ на идните благословени милионери од Мала Речица. Во меѓувреме, поглаварот на ИВЗ, кој изгледа планира да умре за потоа да воскресне на истата положба во ИВЗ, несебично се стави на услуга на националистичката реторика на ДУИ и по пат на некои негови послушници почна со пропагандата за историската обврска исламот по секоја цена да се поврзе со албанската кауза на овие простори. Таквата пропаганда на поглаварот на ИВЗ му овозможи на марксистот од ДУИ уште долго да му биде продолжен политичкиот век кај Албанците, сѐ додека на сцена не настапи народното освестување чијшто епицентар на делување беше фактот дека оваа група на политички измамници полека, но сигурно, треба да се подготвува да си замине во историјата.
Од друга пак страна, нивните сијамски близнаци од ДПМНЕ, во чаршијата од северната страна на градот, пуштаа попови од МПЦ кои упорно истражуваа дали и каде се „кријат“ претставниците на “вехабистичкото деструктивно“ движење отаде Вардар, демек, да поведат дијалог за меѓурелигиска толеранција! Така се ангажираа и теренски специјалци од редот на УБК кои се прикажуваа како интелектуалци заинтересирани за разговор и ширење на сопствениот културен спектар, а всушност претставуваа само теренска подршка на поповите кои одработуваа цели теренски студии за ДПМНЕ. Нивниот папок, ДУИ, воопшто не штедеше енергија за да ги подржи во таа нивна умисла која, како се чини, самите си ја испланирале со цел да не ја загубат подршката на народот кој, во голем број, беше присутен во верските објекти на МПЦ и ИВЗ.
Кога конечно мислевме дека политичката структура на вмроните, кои станаа апсолутни господари на парите кај нас, почна да се распаѓа, на чело со Талат на сцена повторно настапија душегрижниците од ДУИ, “љубителите и симпатизерите“ на сиромашниот и озлојаден граѓанин кои “високо до небо го воздигнаа авторитетот и економскиот статус“ на Албанците, за да им помогнат на своите браќа во ВМРО-ДПМНЕ и генијално се вратија на сцена за да ја потврдат својата Алан Фордовска филозофија на Супер Хик кој крадеше од сиромашните за да им даде на богатите.
А бре Заев крвнику, зарем сакаш браќа да скараш и разделиш!? Заев расколнику, пази што правиш инаку не ти гине екскомуникација од МПЦ! Заев несреќнику, ако Грујо заслужил поглаварот на ИВЗ да го благослови, тогаш тебе сигурно ќе те проколне!
Море Господ да ни е на помош со ваква багра и битанги!
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.