Преку 60 организации на граѓанското општество учествуваа на Средбата за вмрежување во организација на Програмата Цивика Мобилитас кој се оддржува во Охрид од 25 до 28 ноември. Граѓанските организации имаа можност да се запознаат и да разменат искуства и да воспостават контакти за понатамошна соработка.
Во вториот ден, по завршување на сесиите, се оддржа Цивикавизија, каде што учесниците од работните групи имаа музички настапи, со песни кои ги промовираат човекови права и слобода.
По забавната вечер, утредента присуствуваше и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Граѓанските организации се интересираа за тоа дали ќе има измени во начинот на финансирање на инвалидските организации, што прави Министерство за труд и социјална политика за воспоставување на довербата во системот на раководење со случај, односно како ќе го менува односот во третманот на корисниците, за децентрализацијата во социјалната сфера, но, исто така и за прашањата на миграциите, животната средина итн.
Министерката одговори на дел од прашањата и изрази подготвеност да разговара за сите прашања во нејзина надлежност и да им обезбеди на организациите средби со колегите министри за прашањата што се надвор од нејзината надлежност.
Министерката Царовска во разговор за ЦИВИЛ Медиа зборуваше за социјалната правда и (не)можноста за злоупотреба на најранливата група на граѓани во контекст на предвремените парламентарни избори, како и за тоа што прави МТСП за лицата со посебни потреби.
Цивика Мобилитас е програма за развој на граѓанското општество, финансирано од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) која годинава одбележува 10 години постоење, период во кој до сега се поддржани 194 невладини организации од целата земја. Програмата на национално ниво ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Д. Муратов