Нема предвремени избори, следува реконструкција на Владата
Нема предвремени парламентарни избори, ќе има реконструкција на Влада. Ова се одлуките коишто вчера беа донесени по одржувањето на Централниот одбор во Охрид.
Покрај овие одлуки на вчерашниот Централен одбор на партијата беше избран и новиот Извршен одбор кој ќе раководи со партиската структура. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев искатка дека во наредниот период ќе има уште една седница на Централниот одбор на која ќе бидат назначени новите потпретседатели.
„Избравме 16 членови на Извршниот одбор, од кои девет жени. Сакавме да испратиме порака на користењето на еднаквиот капацитет на жените и мажите, вградени и во политичкиот и во општествениот систем во земјата. Верувам дека пораката ќе стигне и до многу државни, општински институции, но и политички партии“, рече Заев.
Една година Преспански договор
Денеска навршува една година од потпишувањето на Преспанскиот договор меѓу Република Северна Македонија и Грција.
Со потпишувањето на овој Договор се стави крај на 27 годишниот спор за името меѓу двете земји.
Твитер честитки за годишнината
Поранешниот грчки министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, на својот твитер-профил објави заедничка фотографија со министерот за надворешни работи на нашата земја, Никола Димитров, по повод една година од потпишувањето на Преспанскиот договор.
„Една година, мој пријателе Никола Димитров“, пишува Коѕијас во рамки на објавената фотографија.
На оваа порака на „Твитер“ возврати и шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, пишувајќи: „Направивме историја мислејќи на иднината мој пријателе“.
Могерини и Герберих повикаа на позитивна одлука за преговорите со Северна Македонија
Федерика Могерини утрово од Луксембург ја честиташе годишнината на Преспанскиот договор и ги повика земјите членки да донесат позитивна одлука за преговори со Северна Македонија и Албанија.
„Денеска е една година од потпишувањето на Преспанскиот договор помеѓу Северна Македонија и Грција и мислам дека треба да се потсетиме на моќта на храброста и лидерството, и важните чекори кои се преземаа на Балканот. Се надевам дека земјите членки ќе се сетат и ќе оддадат признание за овие чекори, посебно во наредните денови кога важна одлука треба да се донесе за отворањето на преговорите со Албанија и Северна Македонија, одлука што треба да се донесе во најкус можен рок“, изјави шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, пред почетокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург со кој таа претседава.
Могерини ќе го започне денешниот состанок со неколку збора за Преспанскиот договор и ќе им упати слични пораки на министрите на земјите членки на ЕУ утрово.
Со ист став е и германскиот амбасадор Томас Норберт Герберих, кој вчера ден пред одбележувањето на годишнината од потпишување на договорот, заедно со францускиот амбасадор, посадија дрвца во Преспа, во знак на пријателство помеѓу двете земји.
Договорот според германскиот амбасадор Герберих има историска димензија бидејќи на мирен начин е решен спор, исто како што Франција и Германија воспоставија мир и станаа пријатели иако пред 100 години војуваа една против друга на бојно поле.
„Република Северна Македонија треба да добие датум за преговори. Во претходните две години, државата и Владата направија сè што е потребно. Мислам дека Северна Македонија ќе добие датум за почеток на преговори“, изјави Герберих.
Според него најдобро би било Македонија и Албанија заедно да влезат во Европската Унија, но дека доколку е потребно, треба да се размисли за раздвојување за да не се казни една држава поради неисполнувањето на друга држава.
„Јас мислам дека најдобра идеја би било да влезат заедно во Европската Унија. Многу е важно Западен Балкан како регион да има заеднички пакет, но доколку е потребно треба да размислуваме и за раздвојување со цел да не казниме една земја поради неисполнувањето на друга држава. Сепак е процес за кој треба земјите членки да размислуваат“, додаде Герберих.
Ќе се бара екстрадиција за Груевски за настаните од 27 април
Министерката за правда, Рената Дескоска, на денешната конференција посветена на функционирањето на АКМИС системот, изјави дека државата ќе го бара поранешниот премиер Никола Груевски со екстрадиција од Будимпешта, поради настаните од 27 април 2017 година.
Дескоска истакна дека досието е комплетирано и ќе биде испратено до унгарските власти.
„Целокупното досие за 27 април од Обвинителството и судот, стаса минатата недела. Деновиве ќе биде испратено до Будимпешта“, рече Дескоска.
Државата веќе половина година го бара Груевски од Будимпешта за двегодишна затворската казна за набавката на „мерцедесот“ во предметот „Тенк“ на СЈО и за останатите предмети.
Зелена иднина во Скопје
Тимот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, пред преминот „Палета“ во Скопје, го промовираше проектот „Зелена иднина“, кој организацијата го спроведува во соработка со Хајнрих Бел – Сараево.
На инфо – штандот граѓанките и граѓаните имаа можност да се информираат со целите на проектот, но и да поразговараат со ЦИВИЛите за поврзаноста меѓу трите основни компоненти: зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот преку едукативен и информативен материјал и да ги споделат своите размислувања на темите.
М. И.