пишува: ЗОРАН ИВАНОВ
Овој текст е дел од општите напори да се осветли процесот кој се форсираше и постигна цел. Многу важна актуелна и перспективна цел која на земјава конечно и ги прави проодни децениски блокираните интеграциски патишта. Од Преспанскиот договор помина една година. Македонија станува членка на НАТО и извесно е, годинава ќе ги почне и преговорите со Унијата. Без Преспанскиот и без уставните измени, од тоа ќе беше ништо.
Од нејзиното основање па наваму државата Македонија, ако може така лаички да се дефинира, мина низ три неизбежни глобални еволутивни историски етапи. Низ Првата, Втората и сега третата Македонска Република. Првата од основањето на државата од АСНОМ 1944-та, втората од референдумот за независност во 1991-вата и оваа од Преспанскиот која еве една година го живее животот на третата Македонска Република. И во Првата и во Втората и во Третата, земјава беше Македонија, народот Македонски и граѓанките и граѓаните – граѓанки и граѓани на Македонија.
Држава запишана во регистарот на ООН е единствената државна конституција во светот што во своето име го има името Македонија. Република со парламентарно уредување и со географска додавка Северна. Одредница која и дома и во меѓународните релации само административно ја прецизира територијата на нашата земја во нејзините реални Асномски граници. Придавка која по својата суштина, гледано практично и реално, а не митски и романтичарски, конечно, прецизно и јасно ја посочува нашата територија во регионот Македонија кој и историски и географски е распослан на Север каде што сме ние, на Југ во Грција, дел на Исток во Бугарија и едно мало античко парче од регионот Македонија на запад во Албанија.
Приказната за една Македонија, за една цела наша античка Македонија отсекогаш била само приказна. Историско географски сон од времето на Аминта, Филип и Александар од пред повеќе од два милениума. Романтична бајка за некаков наш идентитет и историски континуитет од тогаш па наваму со црна дупка од цел милениум, од повеќе од десет века во кои нема никаков валиден историски запис.
Не беше лесно да се објасни нужноста од компромисот кој креираше нови кризи, фрустрации, будења од историско романтичарски соништа. Но и кој продуцираше трауми, политизации, протести. Особено беше потребна и човечка и политичка храброст да се истурка целиот болен, но нужен процес. Да се објасни дека ниту се менува име, ниту се губи идентитет. Впрочем, цела година потоа од стравувањата поттикнати од манипулации поради тесни политички интереси, еве нема баш ништо. Единственото што е точно е дека договорот со Грција е компромис. Симетричен, асиметричен, праведен, неправеден, тој е. Затоа, наспроти манипулациите ајде по ред за фактите:
Прво, по неколку децении конечно е решен еден меѓудржавен соседски спор; Второ, за земјава се отстранија блокадите врз евроатланските интеграциски перспективи; Трето, Македонците го задржаа својот уникатен национален македонски идентитет; Четврто, конечно се ослободивме од контроверзната ФИРОМ; Петто, македонската држава го зацврсти својот меѓународен идентитет зашто е единствената запишана во регистарот на ООН како држава со име Македонија.
Сублимирано, договорот од Преспа и уставните измени практично ниту во идентитетска ниту во институционална смисла не загрозија ништо и никого. Напротив, донесе бенефит и за државата и за сите нејзини граѓани. Гледано објективно, идентитетски најмногу за Македонците. Еве пак да биде појасно: Факт е дека нашава држава е единствената земја во светот запишана и во регистарот на ООН што се вика Македонија. Северна ама Македонија. Ниту една друга, само нашата. Дополнително, македонскиот народ е единствениот народ на светото кој зборува на својот македонски јазик исто така запишан во тетратките на ООН како јазик на народот кој живее во таа Македонија, Северна ама Македонија. Оттука, во вода паднаа сите политикантски манипулации за промена на државниот и на националниот идентитет. Македонија беше и останува Македонија и Македонците и пред и по Преспанскиот остануваат Македонци. Во Северна Македонија ама Македонци.
И на грчките прогресивни политички структури не им беше лесно да дојдат до компромисот. И таму се уште добар дел од ригидната грчка политичка и општа јавност се вџашува од помислата дека, наспроти нивниот истоимен регион, на север од нивната, постои држава со име Македонија. И дека има народ кој е дефиниран, институционализиран и меѓународно признат како македонски. И овој факт само потврдува дека договорот од Преспа не е асиметричен и дека е во историска полза на двата соседа.
Од сѐ, единствено е точно дека до спорот воопшто и не требаше да дојде. Дека тој од самиот почеток беше нелогичен, неразбирлив, нереален, ирационален. Но и многу други вакви и слични конфликти се несфатливи зашто се производ на политики, на политички истории, на романтизми и митови. Затоа големината на Преспанскиот договор и за Грција и за Македонија е и во тоа што тој ослободува од робување на историски заблуди одамна прегазени од ова глобално технолошко и информатичко време. И кај нашиот јужен сосед и кај нас, Преспанскиот договор е рационално и корисно будење од историските заблуди.
За потсетување, еве уште еден мал обид конечно да запрат манипулациите за идентитетот и за сличните небулози. Уште збор два за поентите на уставните корекции содржани во четирите преспански амандмани наредени под броевите 33, 34, 35 и 36:
Триесет и три (33) го дефинира името, целото име, новото административно име „Република Северна Македонија“ или „Северна Македонија“. Факт е дека нашата држава е основана на северниот дел, на северниот регион од историската античка Македонија. Тоа е научен географски факт. Токму тој факт сега станува дел од името. Исто како и фактот дека името на државата останува Македонија.
Триесет и четири (34) менува по нешто небитно во преамбулата. Наместо „одлуки на АСНОМ “, ќе стои „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“. Патем, во воведниот текст на уставот и досега не беа содржани одлуките на АСНОМ, туку само се упатуваше на нив.
Дополнително, во преамбулата се вметнува и насловот на најновата уставна материја, „Охридскиот рамковен договор“. Со него, исто како сега со преспанскиот, во 2001-ва се променија содржините на највисокиот правен акт. Тогаш дури многу посеопфатно и подлабоко, вклучително многу порадикално и во неговиот воведен дел. Впрочем, преамбулата не е правна, туку историска емотивна категорија. Уставот е активен, оперативен и без преамбула. Таа не е дел од материјалната уставна содржина и во ништо не кореспондира со уставните правни нормативи.
Триесет и пет (35) допрецизира нешто што е веќе базично утврдено и со Повелбата на ООН дека „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“. И што има тука нејасно. Па нормално ги почитува. Нема белки со тенковите и со авионите на АРМ кои додуша ги немаме, да тргнеме на Солун и Халкидики. Или пак, сѐ уште има сонувачи за поход натаму со копјата на Александар?
Триесет и шест (36) е уште побениген, уште по бла, бла. Дефиниран е согласно востановените меѓународни стандарди. Оваа одредба потенцира дека државата го заштитува историското и културното наследство на македонскиот народ и на сите граѓани и дека ќе се грижи за Македонците во странство и за сите свои државјани отаде границата и дека нема да се меша во работите на земјите каде што нашите се даночни обврзници.
Толку се и такви се уставните промени. Толку манипулации, а толку просто и јасно. Ниту изгубен ниту загрозен идентитет. Ниту бакрачи, ниту бутур. И по овие процеси Македонија останува единствениот меѓународен субјект, единствената држава во светот која во своето име и натаму ќе го носи милениумското Македонија. Идентитетски пак, Македонците остануваат единствениот народ во светот кој зборуваа на свој уникатен македонски јазик.
Балканските историски вистини и уште повеќе балканските историски митови во служба на дневните политики веќе доволно ги хипнотизираа балканските народи. Од премногу соништа и од премалку јаве и ние си ја уназадивме татковината. Ја закотвивме на последните скалила на европските егзистенцијални и културолошки вредности.
Убаво е да се ѕирка во историјата. Да нѐ вознесуваат и историските факти и историските митови. Но оттаму, од минатото па наваму, возот вози само во еден правец. Со Преспанскиот сонот заврши.
Ни остана јавето. Тука и таму и уште по нешто од политичките манипулации на обете страни. Нив ги имало и ќе ги има. Затоа би било умно од овој добрососедски пријателски чин да го издвоиме нашето парче победа. Тоа ги нуди перспективите. Натаму, пак, сѐ е само до нас.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.