пишива: МИЛАН БАНОВ
За една од најголемите несреќи што можат на му се случат на човекот додека ја изодува својата животна патека, за егзодусот, во речниците и лексиконите може да се прочита дека е тоа истерување луѓе од своите живеалишта и од својата земја, бегање оттаму поради тешките услови, несигурниот живот, војните, заканите по него, стравот…, принудно иселување и истапување од некоја поголема заедница. Но, иако зборот своето потекло го влече од втората Мојсиева книга, го опишува излегувањето на Израелците од Египет и нивниот пат кон посакуваната безбедност, во современите речници нема да најдете ништо за тој тежок, непрегледен пат, за таа голгота што треба да се мине и преживее. Ако се преживее.
Македонија, доколку во целост се остварат заканите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека ќе ги овори границите и ќе ги насочи бегалците кон Европа (околу 3,5 милиони), бездруго ќе го пополни споменатиот недостаток, тоа празно место во речниците и нагледно ќе следи еден невиден егзодус, започнат во Сирија, Иран, Авганистан…, една трагедија во движење, на чиј пат се нашла и оваа земја. И, наместо зборови, ќе ги гледаме сликите од пред четири години – грди, тажни, трагични, недостоинствени, непримерени за човековиот род, слики кои на многумина им го навредуваат погледот , им го скршнуваат настрана или им го приковуваат за земјата. Но ако тој, погледот, се одлепи од земјата, тогаш веќе во живо ќе се следи една драма, безмалку античка трагедија, без катарза, со илјадници актери, речиси сите во главна улога. А тој статус го добиле затоа што сите тие колективно, небаре се едно тело и еден дух, ѝ се спротивставиле на злата судбина што им ја намениле некои нивни богови.
И бидејќи во нашиов случај, ако се има предвид 2015 година, бавно се случуваше излегувањето на трагичните ликови од македонската сцена (во трагедиите на Есхил, Софокле и Еврипид означено како ексода), ние, можеби, ќе имаме можност, велам, без да доживееме катарза, да следиме повеќе драмски ситуации што, главно, ќе се одвиваат на македонско-грчката граница, на железничката станица во Гевгелија, но и на други сценски простори низ нашата држава. На пример, да видиме повеќеилјаден хор (задолжителен во античките трагедии) од избезумени хористи, стуткани на простор не поголем од неколку стотини квадратни метри, како во еден глас, врескаво го бара своето природно право да дише, а повремено моли и за вода, храна,медицинска помош, облека… Би можеле да видиме и стампедо кон возот-арка, кој, веруваат, ќе ги однесе на сигурната почва на нивниот Арарат. Дали пред нас, од океанот на најдлабоката мизерија, ќе изнурне сликата на валкани, вошливи, крастави, полуоблечени деца, на нивните болни мајки и баби; дали ќе станеме сведоци на беспомошноста и очајот на нивните татковци… Ќе гледаме ли болест, чума во дваесет и првиот век, ќе ја осведочиме ли и смртта…
…Или, ќе видиме слика едноставна а совршена – подадена рака кон бегалецот , насмевка, благ поглед кој не бега од непријатната вистина; слика обоена со хуманост. Но, тоа не би смеело да биде единечна слика, инцидентна добрина, туку таа, вистинската помош, треба да е многукратна, да следи аритметичка прогресија, да ја препознава целта трагедијата да се ублажи. Едноставно, хуманоста, без лицемерие и лажен алтруизам, да се покаже поединечно и на државно ниво, да се обезбеди брз и ефикасен проток низ нашата земја (зашто нивната егзотероманија, страста по странство, не ја препознава Македонија), да овозможиме пристојни услови на бегалците, воздух, вода, храна, облека, покривки, медицинска помош… И одеднаш, во безнадежниот свет се појавува надеж, а оваа трагедија, како и во антиката, ќе има логичен завршеток – публиката, односно ние, ќе ја доживееме катарзата, моралното прочистувањето на душата.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.