Поранешниот претседател на Кривичен суд Скопје, Владимир Панечвски, обвинет за злоупотреба на системот АКМИС, Велешкиот суд вечерва го прогласи за виновен и го осуди на три години и шест месеци затвор, јавува МИА. Судијката Валентина Георгиевска, пресудата ја донесе вечерва по завршување на рочиштето кое траше повеќе од десет часа. На обвинетиот Панчевски, во казната ќе му се пресметува и времето поминато во притвор. Панчевски е обвинет за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување, чл. 353, ст. 2.
Решението целосно со образложение ќе му биде доставено во затворот во Идризово. Воедно, судот соопшти дека притворот на Панчевски му се укинува со донесување на оваа пресуда.
Обвинетиот Владимир Панчевски во завршниот збор кажа дека јавниот обвинител не бил запознаен со целата материја со која го води предметот, бидејќи имало грешка на АКМИС, а јавниот обвинител не го видел тоа. Меѓу другото, Панчевски кажа дека ова обвинение е политички опструирано и лицемерно, бидејќи се поведува една година по завршување на неговиот мандат во Основниот суд Скопје 1, односно тие го обвинувале дека само тој повредувал права, а не и судиите кои суделе.
Панчевски кратко време беше недостапен за органите на прогонот, но откако се распиша национална потерница по него, самиот се јави в затвор.
Обвинетиот Панчевски, според обвинението поднесено од ОЈО Скопје, се товареше дека во периодот од 23 јануари 2013 година до 14 септември 2016 година, со негов параф и усно давал наредби на службеници што имале пристап во АКМИС-от рачно да се распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот и кажувал на кој судија да се распредели предметот, со што целосно се изигрувал системот кој требало автоматски да ги распределува предметите.
Панчев ќе остане запаметен и по своите неконтролирани испади преку социјалните мрежи каде што влегуваше во вулгарна и груба вербална пресметка со своите критичари и неистомислениците на режимот. Меѓу „најомилените“ мети му беше токму Џабир Дерала, претседателот на ЦИВИЛ.