пишува: КОСТА СТОИМЕНОВСКИ
Во октомври 1990 година престојував во еднодневна посета на Прага. Појдов во Амбасадата на СФРЈ со цел да најдам телефони од претставниците на македонските фирми во тогашната ЧССР. На пријавницата на Амбасадата ми рекоа дека претставниците од Македонија повеќе не доаѓаат во Амбасадата, но, ми дадоа некој постар телефонски именик на фирмите од СФРЈ, на кој стоеше и телефонскиот број на претставништвото на „Макотекс“ во Прага. Кога го свртев телефонскиот број на спомнатото претставништво слушалката ја подигна директорот на претставништвото г. Ѓорѓи Пљачков, со кого се знаевме уште од времето на моето службување во Амбасадата на СФРЈ во Прага. Со него се најдовме во центарот на Прага и со негова помош најдовме место во хотел, но само за една вечер (четврток), бидејќи за време на викенд Прага е преплавена со туристи од Германија и од други западни земји. Со господинот Пљачков се договоривме, доколку решам да останам, наредниот ден ќе бараме место за спиење во некој друг хотел.
Решив да ја напуштам Прага, така што немаше потреба за резервација на хотел. Меѓутоа, му се јавив на г. Пљачков за да му се заблагодарам за помошта околу резервацијата на хотел и за вниманието што ми го укажа. По телефон ми кажа дека во претставништвото на „Макотекс“ има еден мој земјак. На мое прашање како се вика, Пљачков ми одговори дека неговиот соработник се вика Јордан Мијалков и ме праша дали го познавам и дали би сакал да се слушнам со него.
Нормално, се согласив да се слушнам со г. Мијалков, кој веднаш започна со политички тиради за ВМРО. ВМРО па ВМРО. Со оглед дека во времето кога бев во дипломатијата бев подготвуван да внимавам што зборувам кога се наоѓам во странство, настојував по телефон да не зборувам за политички теми. Соговорникот забележа дека се воздржувам од каков било коментар на неговите еуфорични изјави за ВМРО, на крајот на разговорот напомна „наскоро ќе слушнеш!“
Кога премиерот на експертската влада Никола Кљусев ја обзнани листата на министрите и кога видов дека Мијалков е назначен за министер за внатрешни работи веднаш се потсетив на разговорот со него во Прага. Очигледно, тој уште пред парламентарните избори знаеше дека ќе биде именуван за министер на полицијата! Тоа упатува на претпоставка дека македонската влада беше стокмена на средбата на идниот македонски претседател Киро Глигоров и идниот македонски премиер, Никола Кљусев, во охридска „Летница“ што, согласно книгата на Кљусев, се одржала во почетокот на август 1990 година, но, и на неколкуте средби што се одржани подоцна.
Како искусен политичар, Глигоров знаеше дека новооснованата партија ВМРО-ДПМНЕ на претстојните избори ќе освои гласови без кои тој не можеше да биде избран за претседател на Македонија. Осум месечниот „стаж“ на Кљусев на Голи Оток и историската вмровска аура што ја има Штип, Глигоров реално проценил дека штипскиот клан предводен од Кљусев може да му помогне да биде избран за претседател на Македонија. Познато е дека Глигоров беше избран за претседател на Македонија дури во вториот круг на гласање во Собранието на РМ, кој се одржа на 27 јануари 1991 година.
На парламентарните избори кои се одржаа на 11 ноември 1990 година, најмногу гласови освои новооснованата партија ВМРО-ДПМНЕ. Победничката партија беше резервирана кон изборот на Глигоров за претседател на СРМ и не го поддржа во првиот изборен круг. Меѓутоа, по силното лобирање на штипскиот клан (Н. Кљусев, Г. Наумов, Ј. Мијалков), Глигоров беше избран за претседател на Македонија во вториот изборен круг, кој се одржа на 27 јануари 1991 година.
Имајќи предвид дека на парламентарните избори освои најголем број гласови, ВМРО-ДПМНЕ на претседателот Глигоров му предложи четири кандидати за мандатор за формирање на влада. Меѓутоа, претседателот Глигоров имаше забелешки на сите предложени кандидати и не прифати ниеден од нив!
Откако ги одби предложените кандидати за премиер на Македонија, претседателот Глигоров настапи со идеја за формирање на експертска влада на чело со Никола Кљусев. Постапката на претседателот Глигоров за одбивање на предложените кандидати од страна на победничката партија и лансирање на идеја за експертска влада не беше во согласност со правилата и принципите на парламентарната демократија.
Претседателот требаше да му додели мандат на некој од списокот на победничката партија, а доколку тој не беше во состојба да формира влада, мандатот требаше да му го додели на кандидат од партијата СДСМ која по бројот на освоени гласови беше второ рангирана. Имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ не беше подготвена во владата да вклучи и претставници на Албанците од Македонија, најверојатно владата ќе ја формираше партијата СДСМ. Меѓутоа, претпоставка е дека со идејата за формирање на експертска влада требаше да се реализира договорот од охридска „Летница“!
Преседанот што беше направен со формирањето на владата во 1991 година, партијата ВМРО-ДПМНЕ го користеше како аргумент при формирањето на владата по парламентарните избори во 2016 година! Претседателот Иванов му додели мандат за формирање на влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој не успеа да формира влада, меѓутоа, челниците на спомнатата партија инсистираа нивниот лидер да добива мандат сѐ додека не успее да формира влада…
Случајот со формирањето на првата македонска влада покажува дека парламентарната демократија се соочува со сериозни проблеми уште по осамостојувањето на Македонија. Подетално за тоа во мојата книга КРИВО НАСАДЕНА ДЕМОКРАТИЈА, која беше промовирана во март оваа година.
Скопје, 30 август 2018 година
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.
Белешка од Редакцијата: Авторот, Коста Стоименовски, достави повеќе текстови до Редакција ЦИВИЛ Медиа од кои неколку веќе се објавувени. Првиот текст ни беше испратен веднаш по најавата за иницијативата #КрајЗаРасипништвото што ја поведе ЦИВИЛ.