И покрај многуте хакерски напади и репорти заради кои се затворија неколку профили на кичевчанецот Ел Чека, тој не дочека ниту еден ден туку отвори нови профили на Фејсбук и веб страници. На нив Ел Чека објави нови бомби и тоа уште појаки разговори со поскандалозни содржини. Во еден од разговорите каде се вели дека се слушаат двајца највисоки функционери од ДУИ, се слуша како местат избор во судската власт. Услов за именување на судија, според разговорот е семејството на судијата да гласа за ДУИ, а не „за другата партија” како што се слуша во разговорот. За ова тие меѓусебе бараат цврсти гаранции од трет функционер од истата партија кој е роднина на еден од кандидатите судии.
Во други разговори објавени деновиве, исто така, двајца високи функционери на ДУИ во меѓусебен разговор дискредитираат интелектуалци албанци. Во еден разговор кој се поврзува со пропаднатиот попис се навредува академик Абделменав Беџети, а во друг разговор се подготвува хајка против екс пратеникот, актуелен соработник на МАНУ, Изет Зеќири. Во овој разговор врхушката на ДУИ планира семеен раскол во семејеството на Зеќири.
Во трет разговор истите функционери разговараат и за екс амбасадорот Махи Несими кого го навредуваат и сакаат да го избркаат од работното место заради негови изјави дадени во медиумите каде тој ја критикувал тогашната власт, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Во многу други разговори челниците на албанската партија на власт разговараат со навредувачки речник и за нивни пратеници и функционери.
Арбен Зеќири