Categories

АНГАЖИРАНОСТ Engage2019: Не смееме да останеме слепи пред она што можеме да го подобриме

Десет инспиративни македонски и странски активисти со повеќе од 250 посетители на ENGAGE2019 дискутираа на теми од граѓанска ангажираност против климатските промени, активизам за социјална правда, па се до залагање за правата на животните и почиста животна средина и иницијативи за инклузивност и подобро образование. Осмото издание на ENGAGE се случи оваа сабота, 18-ти мај, во просториите на Кино Култура, во организација на Младински образовен форум и Радио МОФ.

Говорниците на овој ENGAGE ги претставија нивните секојдневни борби за подобро општество. Па така Ирена Ристиќ од #НеБидиЃубре сподели за истрајноста и упорноста во борбата за промена на свест за загадувањето на животната средина.

„Движењата против климатските промени и залагањата на жолтите елеци се многу слични, токму поради тоа што имаат ист непријател“ мислејќи на владата, сподели Anddy Batentier – борец против климатските промени и дел од жолтите елеци.

„Ние нашето сме го прочитале и научиле, мојата борба е следните генерации да имаат квалитетно образование, токму затоа #ИпонатамуЧитам/ #IDaljeCitam“ – раскажа Ловро Крсник кој 94 дена во низа чита по еден час пред Владата на Република Хрватска од лектирите кои се отстранети од листата на литературни дела.

Мора континуирано да се залагаме за промени и заштита од насилството врз жените, рече Луљета Алиу – активистка за правата на жените – „Секој се плаши барем малку, но ако не го кренеме гласот ништо нема да се промени“.

Виктор Мазнев, активист за правата на животните, посочи дека сеуште ниту една од институциите не презема одговорност за состојбата на бездомните животни, ниту пак некој ги подучува граѓаните како да се однесуваат доколку ги нападне улично куче.

Дрег-активизмот е уметност на изразување која пополека ја крши хомофобијата и трансфобијата, споделија Tokyo de Ville и Vera Vendetta од Haus of Fauche, првиот Дрег-колектив во нашата земја.

„Ако пребарате „младински центар – Скопје“ или „студентски центар“ нема да добиете резултати, затоа што немаме такви објекти. Има толку јавни простори за кои никој не се залага и пропаѓаат а се толкави пропуштени можности. Активизмот не бара многу, понекогаш е довилно континуирано да се посветувате по час-два дневно“ раскажа Мартин Анастасовски од Културно Ехо.

„Науката е вистина, младите ја гледаат оваа вистина и сакаат подобра иднина, затоа и се активираат“ – за борбата на младите против климатските промени, движењето #FridaysForFuture зборуваше Никола Јовановски.

„Со овој настан МОФ почна да го одбележува својот 20-ти роденден. „ENGAGE во последните осум години не научи дека и најмалите залагања кои почнуваат на индивидуално ниво, може да предизвикаат големи промени“, сподели Стефани Спировска, претседателката на МОФ.

Print Friendly, PDF & Email