За само неколку дена починаа три деца поради компликации од морбили. Пред некој ден 13-месечно дете од тетовско, почина на детската државна клиника. Тоа немало хронично заболување и не било вакцинирано. Со мали сипаници најверојатно се заразило на детската клиника каде пред три недели било на лекување. Претходно поради компликации од морбили почина дете од Свети Николе, а првата жртва беше шестмесечно бебе од кумановско.
Епидемилозите апелираат сите невакцинирани да се вакцинираат, оти друг начин на заштита од морбили нема. Од почетокот на епидемијата до сега, регистрирани се 220 заболени, а вакцинирани се околу 9000 деца. Дури 50% од децата родени во 2017 година не се вакцинирани со МРП вакцината.
Министерството за здравство изразува жалење за смртта на децата и упати апел до сите родители најодговорно да ги сфатат препораките за вакцинирање со МРП-вакцината.
Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, му предложила на Министерството за здравство да се почне и со теренска вакцинација на децата од училишна возраст во училиштата, за да се зголеми бројот на вакцинирани деца, а со тоа да се намали и бројот на заразени.
Министерот за здравство Венко Филипче го прифати предлог од Комисијата и од следната недела да почне да се спроведува.
Лекарите велат дека категорично и енергично ќе стојат на ставот дека децата во градинка и во училиште треба да се примаат само вакцинирани, бидејќи никој нема право да го загрозува здравјето на останатите деца и да влијае на сите фактори кои влијаат на јавното здравје.
Родителите немаат довераба и им е страв од неквалитетни вакцини, бидејќи кој гарантира дека се соодветни и нема да го нарушат здравјето на детето?
Поради зголемениот број пациенти заболени од морбили, во три пункта во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит- пазар“ и „Ѓорче Петров“ има дежурни лекари секој работен ден од 19:30 часот до 7:30 наутро, а за викендите се на располагање 24 часа.
Д.М.