Categories

КОЛУМНА Er ist wieder da!

Здраво другови и другарице!

Го гледав Саше Политико како брка “голема фаца“ низ ходниците на зградата на Владата на РСМ, и верувајте ми, воопшто не ми се допадна тоа што го видов.

Хусеин еф. Адеми

Остај на страна што Политико во свој манир му го “збибери“ на секогаш резервниот голман на ДПМНЕ, или такозвани претседател на Врховен Суд, туку од памет ме извади ладнокрвноста на судијата која, како да навести дека наскоро тој на сите нас повторно ќе ни го збибери низ призмата на “законските овластувања“ со кои раководи во состав на неговото “непристрасно толкување на законодавството“ на ова наше факинг судство.

Од авион се гледа дека господинот е до душа компромитиран или можеби е само заглавен во лавиринтот на корупцијата, не тврдам, само нагаѓам, и сега едноставно не знае во која насока да се движи бидејќи сегашната власт му дише у врат (искрено се надевам дека е така), а онаа минатата, вампирската го стегнала за… и хтео, не хтео, мора да оди во правец во кој му се управувани топчињата. Не ми замерајте на речникот, бидејќи некои веќе ме критикуваа како тоа не ми прилега посебно не на овој медиум, но, мајку му стара, не спукаа од сите страни вмроните и не само што имало гомила чудни “самоубиства“ туку и чмарот ни го разнесоа со нивните бизнис зделки кои предизвикаа невидена сиромаштија кај народот, а мене демек, не ми прилега вака да зборам! Ајдеее!

Извонредниот српски политички аналитичар (силом прилике), еден од најдобрите спортски коментатори од времето на СФРЈ, Милојко Пантиќ, таквото ноншалантно однесување и “удри бригу на весеље“ расположение на фаците као Јово, знае да го оквалификува како: ништожност на врховната власт која произведува врховни ништожници! Генијално.

Оваа ситуација, искрено да ви кажам, ме потсетува на филмот од германска продукција, инаку цареви на демократијата, Er ist wieder da или Види Кој ни се Вратил. Главната улога ја толкува, ни малку ни повеќе, туку Хитлер лично!!

Имено, во филмот, Русите влегуваат во Берлин од Исток, а Американците со нивните сојузници од Запад. Хитлер “јадничок“ нема кај да бега, но, одеднаш влегува во временска машина, им бега на своите непријатели и така некако, блесаво и мутаво, доаѓа во 2015 год. Облечен во својата препознатлива наци униформа, тој ги убедува луѓето дека е Хитлер лично, но, не сфаќа дека времето го прегазило и сега станал само мета на исмејување и ругање. Арно ама, неговиот мозок сеуште функционира “како што треба“ и тој не се предава лесно. Успева да ја искористи наивноста и глупоста на луѓето кои го сметаат за уличен имитатор и така почнува да ја шири својата пропаганда. Мудро и итро, тој повторно на глупавите националисти им влегува под кожа и за многу кратко време станува лице бр.1 по нивните телевизиски куќи.

Јадните идиоти од редот на ТВ водителите од најпознатите телевизиски куќи (Сител, МТВ и компанија) стануваат негови главни агенти и промотори на старо-новата нацистичка идеологија мислејќи дека тоа е само хумор и ништо повеќе но, во текот на филмот, генијалниот режисер документарно прикажува улични интервјуа во кои Хитлер ги интервјуира обичните кретени од кои, на жалост, излегуваат изјави преполни со расизам, омраза, нетрпеливост и дискриминација. Скоро и да нема човек што го осудува Хитлер. Сите му ракоплескаат, го поздравуваат, уживаат во “неговиот хумор“ и ја впиваат идеологијата на тој “циркузант“ кој полека, ама сигурно, им ја враќа “довербата во националното достоинство“ и потребата “да се опаметат“.

Но, во еден момент, еден љубоморен уредник, со неостварена амбиција да стане главен директор на проектот “Хитлер ве забавува“, во етер пушта снимка од скриена камера на која се гледа како Хитлер застрелува една мало невино кученце! Тогаш настанува главната катастрофа! Германија се дига на нозе и сопственикот на Телевизиската куќа театрално и дава отказ на, веќе бившата уредничка, со зборовите: „Германија ќе прости се, но, не и ликвидација на невино кученце!“

Абе луѓе, овој филм е црн хумор и иронична сатира на демократскиот гигант Германија и они може така да се заебаваат, ама ние кутрите, како тргнало со овие диктаториве од Врховен суд, изгледа овој филм стварно ќе ни се повтори но, со северно македонско сценарио, не дај Боже, бидејќи, не дека нема реакција од СЈО, туку главните криминални фаци полека ама сигурно си го наоѓаат патот до слободата пред наши очи! Ако ДПМНЕ и Грујо повторно успеат во својата умисла, тогаш и ние ќе кажеме:  Er ist wieder da!

 

 


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватностаПовредата на авторските права е забранета со закон. 

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.

 

image_pdf image_print
Print Friendly, PDF & Email