пишува: Хусеин Адеми
Основната карактеристика на цивилизациската вредност на некоја нација со сите нејзини морални супериорности и маани е нејзината хуманост и чувството за длабоко почитување на човечноста. Ваквото чувство е темел врз кој е изградена онаа толку потребна присутност на меѓусебна соработка и толеранција помеѓу луѓето, бидејќи само таквиот начин на функционирање на свеста може да му обезбеди опстанок на ова напатено човечко битие. Но, истиот тој човек, тоа крволочно животно, никако да разбере дека крвопролевањето и негирањето на туѓото и поинаквото е одлична формула за своја самозагубеност во димензијата на проклетството и страдањето во кои, тој никаквец очигледно ја доживува својата изопачена идеолошка ејакулација која постојано го држи во фаза на омраза и нетрпеливост. Ете баш тука доаѓаме до точката на најчудното нешто кое може да го погоди нашето светско општество, а тоа е фактот дека таквите чудовишта постојано наоѓаат начин да дојдат до збор или што е уште полошо, да им се даде прилика онака јавно на светскиот подиум, пред очите на планетарната јавност, да ни го исповраќаат нивниот идеолошко-деструктивен повик во ликвидација на послабиот и константно угнетуваниот.
Коефициентот на ителигенцијата на една заедница се мери низ призмата на хуманоста на нејзината интелектуална елита, бидејќи токму таа треба да го придвижува постојаниот развој на позитивните морални кодекси кои сигурно ќе обезбедат убаво денес и благопријатна утрешнина за сите подеднакво, но, ова е само обична утопија и некаков глуп романтизам во атмосфера на празнење на балканско дивјаштво подржано од европски цинизам и профашизам како во случајот на “нобеловецот“ Петер Хандке, извонреден гласноговорник на глорификацијата на злото кое предизвика на десетици илјади убиени, раселени и силувани Бошњаци.
Како е можно еден интелектуален ум да функционира на тој начин? Епа можно е! На секој геноцид му претходи добро испланирана агенда преку која ќе се лажира историјата за убиецот да биде прикажан како жртва и доколку е можно, истиот да предизвика симпатии и жалење затоа што тој кутриот бил принуден да се брани, а жртвата е таа која се заканувала дека ќе го уништи севкупниот Светски Поредок! Токму тоа се случуваше во БиХ се додека конечно не проработи светската свест која стави точка на масакрот и геноцидот извршен врз Бошњаците во таа земја.
Како е можно свеста и совеста на Комитетот за доделување на Нобеловата награда за книжевност да награди еден пропагандист кој на поставени прашања од страна на новинарите вели дека: вие сте шупче! Таков реторичар со безрезервна подршка за тие што заклале 7.000 цивили само во Сребреница, со спомнатата награда, добива легитимитет да биде прогласен за носител на интелектуалната мисла на генерациите кои утре можеби, не дај Боже, повторно ќе придвижат нови геноцидни војни на просторите на бившата СФРЈ. Наградениот негатор на брижливо испланираниот геноцидот во Сребреница е само доказ дека нешто чудно се случува со Европа! Тој е доказ за обесчестеноста на интелектуалната свест на почетокот од 21-от век. Со напливот на илјадниците мигранти кои секојдневно бележат жртви како во воен судир иако, јадните тие, гинат од студ ширум европските шуми или пак се дават во морињата јужно од нас, Комитетот за Нобелова награда испраќа многу збунувачка и замаглена порака за тоа што нè очекува утре!?
Да не заборавам, срдечен поздрав до ценетиот јунак на македонската политика, министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Браво јуначино! Има голема добрина во оваа наша убава С.Македонија од која многумина можат да научат за големи работи.