На избеганиот Никола Груевски за предметот „Насилство и шамари во Општина Центар“ ќе му се суди во отсуство, по предлог на специјалната јавна обвинителка, Фатиме Фетаи.
„На обвинетиот Никола Груевски му се ставаат на товар дејствија на поттикнување и помагање на кривичното дело, па логично е да му се суди заедно со извршителите на делото“, рече обвинителот од СЈО Гаврил Бубевски.
Одбраната, пак, побара раздвојување на постапката, а не да му се суди на Груевски во отсуство, со образложение дека не е точно дека Груевски е недостапен, дека се знае точната адреса каде е и дека бара азил пред унгарските власти.
Фетаи на ова реплицираше со следните зборови: „Чесен суде, ако сака колегата Дангов да му помогне за азил на избеганиот Груевски, нека оди во Унгарија да му помага. Ние тука зборуваме за предлог да му се суди во отсуство, а не за азилот негов“.
Таа побара и мерка притвор, иако вчера во случајот „ТНТ“ за Космос на Фијат Цаноски му беше веќе одреден. Судијата Душан Јосифов за овој предлог рече дека ќе одлучи, откако ќе добие одговор од Собранието за предлог за притвор на пратеник.
Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“. Тој требаше на 9 ноември да се пријави во затворот во Шутка на издржување на казната, но избега и побара азил во Унгарија.
К. С.