Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека нема да отстапат од тоа дека сите деца кои се примаат и во градинките и во основните училиште да бидат вакцинирани.
„Не смееме, кога ги имаме сите инструменти во рацете, кога тоа е пропишано со закон задолжително да се даде таа потврда за вакцинација, да замижиме или да направиме пропуст, па да ни се случуваат вакви епидемии со смртни случаи“, изјави Филипче.
Министерот додаде дека по инаугурацијата на претседателот Стево Пендаровски, во неделата, имале неформална средба со министерот за образование и наука, Арбер Адеми и со министерката за права Рената Дескоска, на која биле присутни и повеќе пратеници.
„Министерот за образование сакаше тоа прашање да го постави денеска на седницата на Владата за да добиеме и соодветни правни мислења од Секретаријатот за законодавство. Верувам дека до крајот на денот ќе излеземе со усогласено мислење. Верувам дека до утрешниот ден ќе имаме еден усогласен став“, додаде Филипче.