Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска во изјава за медиумите, изјави дека ниту едно дете нема да биде примено во градинка и училиште доколку не е вакцинирано и дека дополнително на сето ова нашле и одлуки од Уставниот суд кои одлучувале по претставки претходно, доставени од родители, уште од 2014 или 2015 година.
„Прилично се јасни одлуките на Уставниот суд, дека никој нема право да го загрозува јавното здравје, ниту пак има право со својата волја да го загрозува правото на детето да биде здраво“, додаде Филипче.
Министерот додаде дека има сосема доволно вакцини и тоа нови количини, од нова набавка, кои до петок ќе бидат дистрибуирани во сите центри за јавно здравје.
Во земјава се прогласи епидемија на морбили во целата земја, а старосната граница за вакцинирање на децата се намали од 12 на 6 месеци.
За основците и средношколците нема да има дополнителни мерки, но оние не ја примиле вакцината, ќе можат да се вакцинираат.
ЦИВИЛ потсетува дека образованието во Република Северна Македонија е уставна категорија и дека Министерството за здравство треба да изнајде соодветни мерки за справување со епидемијата на морбили наместо да ги крши Уставот и законите.
А. Петровска












