Се сеќавате на Професорскиот пленум? Жолчно се бореше против ставањето на канџите на власта врз универзитетите и почитување и немешање во нивната автономија.
Се сеќавате на Професорскиот контрапленум? Жолчно ја бранеше власта и баш сакаа нејзино активно учество во раководењето на универзитетите.
Се сеќавате дека Министерот за здравство беше член на контрапленумот? Додуша, го одрекуваше тоа. Некој ја искористил неговата наивност и му подметнал да потпише нешто што не знаел што е.
Меѓутоа, се покажува дека тој, сега како актуелен министер, е верен и доследно ги спроведува ставовите на организацијата во која по грешка членувал.
Знаете дека тој е член на барем две комисии за доделување наставно-научни и научни звања на Медицинскиот факултет при УКИМ?
Затоа што е доцент, па по закон, смее да членува. Нема други доценти и професори кои може да се изберат во комисиите, па мора Филипче? Не. Има. Зошто Филипче? Затоа што е министер! Филипче нема доволно обврски како министер за здравство (ресорот за кој сите мислиме дека треба да се изгине од работа за да се доведе во ред), па треба да биде и член во комисии на Медицинскиот факултет? Или, Филипче навикнат на работење 24/7 како советник во претходната влада сега работи 23/7 па мора да си најде занимација со која ќе го исполни празниот саат во денот.
Дали има конфликт на интереси во ова? Нееее….. Овде не се работи за конфликт на интереси. Напротив, се работи за нечии интереси. По инерција или затоа што некому така одговара, УКИМ останува место за сместување на партиски кадри. Од едната или другата партија сеедно. А најдобро поминуваат оние со поделено членство од типот „Ќе си членувам кај што сакам, во зависност од потребите“.
А ова е пострашно и од конфликт на интереси или од интереси. Се работи за упад во автономијата на Универзитетот и директно ставање на канџите на власта врз работата на Универзитетот.
А сѐ е според законите и Уставот. Процедурите се запазени. Деканот ги предлага комисиите кои (случајно) ќе ги задоволат партиските апетити. Наставно научниот совет ги потврдува. И никому тука ништо не му е барем малку чудно и дискутабилно, иако сите точно знаат која комисија кому ќе му го додели посакуваното звање (и без да знаат кои се другите можни кандидати на конкурсот). Важно да не се крши законот. А моралот го нема во законот.
А министерот, ако има морал и доблест, ќе одбие да членува во овие комисии за да не си го валка името уште повеќе. Ама…
Да живее Професорскиот контрапленум!
Ректоратот на УКИМ не реагира. Сенатот на УКИМ не реагира. Не знаат за ова? Македонија е мала земја. Информацијата за комисиите на Медицинскиот факултет секако допрела до некго од УКИМ. На пример, до Ректорот што е точно од редовите на Медицинскиот факултет. Можеби ова е само злобна гласина, пуштена за да му наштети на министерот, ама не е лошо Ректорот да ја провери. Ќе дозволи ли, било како Ректор или како професор на Медицинскиот факултет, куп директори на клиниките, кои станале директори не со научни, туку со партиски заслуги и активности, да добијат научни звања?
За никаде ни е образованието?! И високото. Е, па ќе биде! Колку партиски доктори на науки се изродија последниве години? Колку универзитети се отворија за нивно докторирање, а потоа и нивно удомување? УКИМ како најстар и најреномиран универзитет во Македонија не се вакцинираше против партиските влијанија врз докторирањата и вработувањата, па ја фати болеста и не знае (или не сака) да се излечи. А универзитетот по дефиниција треба да развива наука, а не политика. Ако сакаме да имаме наука и добро високо образование.
УКИМ, за жалење сте. Интелектуалниот крем во државава се претвори во сладолед. Одамна растопен. И почнува да засмрдува.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.
фото: Б. Јордановска