„Инспекциските служби продолжуваат со сите капацитети да работат на терен. Секое непочитување ќе биде санкционирано“, рече претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска – Грашкоска.
Презентирајќи ги најновите податоци од терен на 6 здружени инспекторати, Филиповска – Грашкоска соопшти дека за 5 дена, од 9 до 13 април, пазарниот инспекторат извршил 514 надзори, од кој еден дел во работењето на угостителските објекти. Затворени се 5 угостителски објекти во Скопје, а во другите градови низ државата, се почитуваат препораките на Владата.
Во однос на цените на производите, таа рече дека во поглем дел се замрзнати, а онаму каде се забележуваат отстапки, им се налага да бидат вратени како претходно. Како што кажа Филиповска – Грашкоска, Агенцијата за храна и ветеринарство спровела 162 надзори во маркети, угостителски објекти, месарници и зелени пазари. Изречени се 2 мерки поради неспроведени обуки за безбедност на храна, издадени се 19 решенија за лоша хигиенска состојба и една глоба за продажба на производ со поминат рок.
Инспекторатот за труд направил 446 контроли, при кои издал 7 решенија и 9 укажувања за работодавачите кои не ги почитувале мерките на Владата. Инспекторатот за труд, пак извршил 85 надзори. Констатирано е дека меѓуопштинскиот превоз е редузиран, а меѓународниот превоз пак е целосно во прекин.
Во однос на здравствениот инспекторат, извршени се 77 надзори над различни субјекти и издадени се 179 дозволи на транспортери за непречено спроведување на транспорт во услови на епидемија. Агенција за лекови извршила 35 контроли при што е констатирано дека нема отстапувања, односно дека се почитуваат препораките на владата за влез во аптеките.
П .К.












