Министерството за одбрана на Финска соопшти дека два руски борбени авиони „Миг-31“ вчера утрината навлегле во финскиот воздушен простор во близина на крајбрежниот град Порво. Упадот во финскиот воздушен простор се случил околу 6:40 часот, а авионите летале во насока запад. пренесува МИА.
Авионите навлегле во финскиот воздушен простор на длабочина од еден километар, појасни портпаролот на Министерството Кристијан Вакури.
Руската агенција „Интерфакс“ повикувајќи се на руското Министерство за одбрана, соопшти дека руската армија префрлила три борбени авиони „Миг-31Е“ опремени со хиперсонични ракети „Кинжал“ во Калининград, руската енклава меѓу Полска и Литванија на брегот на Балтичкото Море.
Калининград е пристаниште, град и административен центар на Калининградската област; енклава на Русија лоцирана помеѓу Литванија и Полска.
Ракетите Кинжал, што на руски значи бодеж, се невидливи за противвоздушната и противракетната одбрана на непријателот. Москва тврди дека овие проектили летаат со екстремно големи брзини, до 10 маха или 12.000 километри на час и дека во комбинација со маневарските способности, тие се исклучително тешки или невозможни за пресретнување.