Проф. д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ
Подолго време пред да го напишам овој текст размислував дали е потребно еден професор по политички науки да се занимава со вакви работи, поготово кога за тоа си има надлежни органи. Но, кога гледате дека истите тие органи немаат капацитет и храброст, ниту пак желба да се справат со сѐ поголемиот криминал и корупција, решив јавно по којзнае кој пат да ја споделам со јавноста мојата кратка опсервација за состојбата во која се наоѓаме надевајќи се дека пишаново ќе остане за наук на некои идни генерации како не треба да се работи и постапува.
За една ваква слична колумна на оваа тема пред десеттина и повеќе години од еден мој поранешен сопартиец кој беше се препознал во текстот бев даден на суд и едвај извлеков ,,жива глава” да останам неказнет од страна на судијата кој беше се намерачил (читај му беше сугерирано) дебело парично да ме казни. Но, карактер си е карактер, борец си е борец и покрај ова што ми се случи во минатото, јас сепак решив повторно да потсетам на невидениот арамилак и алчност на функционерите на власт како и на оние кои досега биле на власт чии незаконити и неморални дејствија во најголем дел останаа несанкционирани. Со арамилакот кој ни се случува пред наши очи еден дел од актуелните функционери отидоа предалеку и ги надминаа ненадминливите по професија и потреба „вмровци“ од претходниот период. Едноставно станаа апаши над апашите.
А кој им овозможува да го прават овој гнасотилак? Едноставно тоа сме сите ние кои ги избираме таквите персони кои се длабоко вгнездени во политичките партии кои станаа интересни групации за брзо и лесно збогатување на поединци. Меѓутоа најголема е одговорноста на оние институции и органи кои се должни совесно и неселективно да дејствуваат, гласно да критикуваат, а не да молчат и да ги затвораат ушите и очите пред сторените зла. Јавно го поставувам прашањето дали е можна ефикасна борба против криминалот и корупцијата со тргни-застани Претседател на држава кој никогаш и никаде не го подигнал својот глас по однос на ова прашање. Можна ли е борбата да биде ефикасна ако селективно ја води истрошен јавен обвинител и обвинител за организиран криминал, со судии кои постојано ги преоблекуваат дресовите, со агилна, но јалова Антикорупциска комисија кој никој не ја есапи за ништо, со финансиска полиција која работи на „копче“ притиснато од (нај)високите функционери на власт, со премиер во сенка кој 20 и повеќе години ги штити партиските „чеда“ на високи функции и кој ги влече конците во секој сегмент на општественото живеење. Одговорот е НЕ. Тоа не е можно ниту во најубавите соништа.
Како функционерот апаш да остане неказнет, како да се изнајде начин поблаго да биде казнет, како да не и се открие на јавноста што сѐ и колку украл стана modus operadni на судството, обвинителството и полицијата посебно во време на владеење на оваа власт. Долгите предистражни и истражни постапки, одложување на судските процеси, договарање на адвокатите на обвинетите со судиите и обвинителите и други малверзации доведуваат до ситуација на неказнивост или блага казнивост за сторениот криминал. А во меѓувреме нашите пари со сѐ поголема брзина и во поголема количина по разни основи се прелеваат во приватни џебови. Според Индексот на Транспаренси интернешнл Република Македонија трета година по ред стагнира во однос на борбата против корупцијата и истовремено назадува во рангирањето. Во анализата за 2020 година, Македонија падна на 111 место во однос на претходната година и ја дели својата позиција на табелата со Босна и Херцеговина, Монголија и Панама. Замислете пред нас се и Косово и Албанија. Падот на Македонија на листата започна во 2014 година и прашање е на ден кога и официјално ќе го допреме дното, кое фактички веќе сме го допреле.
Сегашниве кои се на власт мислат дека е доволно другарот или братот апаш функционер само да си даде оставка на функцијата, да му овозможат да ја напушти (читај да избега) државата, да не лежи во мувлосаната притворска ќелија, да се брани од слобода, а за другото да не му се секира бидејќи ќе се погрижи партијата и партиските другари со нивните послушници и должници во судството и обвинителството. Претпоставувам дека сето ова си има своја цена која секој обвинет или осомничен е спремен да ја плати или ја плаќа однапред. А тоа е најмал проблем со оглед на огромните суми украдени пари. И волкот сит и овците на број, што би рекле повозрасните.
Има ли некоја држава во светот каде судските процеси против обвинетите функционери од претходната власт свесно траат предолго (со години) со реална можност да застарат, а процесите за криминалците функционери кои се на власт никако да започнат? Стана практика обвинетите и осомничените да се бранат од слобода или пак да бидат во куќен (толерантен) притвор каде со лап топ и мобилни телефони во рацете, но и со помош на партиските другари и службените одработувачи тивко и полека да си ја „средуваат“ работата. Во меѓувреме нивните сопруги, деца и другите блиски уживаат во украдените народни пари, го оплодуваат украденото преку отварање и водење на разни бизниси (хотели, ресторани, бензиски пумпи и др.), се луксузираат по сите основи, а ние чесната „ситна боранија“ со пет пари во џебот, чии кредитни картички се под дозволениот минус едноставно и понатаму продолжуваме да бидеме неми сведоци на доусовршување на воспоставениот систем на изопачени и лажни вредности, систем во кој царуваат функционерите апаши и нивните послушници и должници во власта.