пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Оние што во добивањето власт и моќ во општеството гледаат можност исклучиво за остварување на личните (често болни) сништа и амбиции, првото што се обидуваат да направат е да ја „убијат“, односно целосно да ја маргинализираат и задушат критичката, прогресивната и интелектуалната мисла.
Затоа, овие луѓе и кругови секогаш прво пристапуваат кон систематско деградирање на вредностите, образованието, стручноста, науката, логиката… Класично „гасење на светлото“, создавање на темница во која не се познава кој е кој и што е што, каде секој секого каса, мава, плука, за да оствари лична придобивка.
Плукањето на разумните и умните и создавањето на „ниво“ на дебата неприродна за нивно учество, е одличен инструмент за замолчување. Потоа, откако ќе замолчат умните, општествениот дијалог се води меѓу најгрлатите и нај(на)силните, а богами и најлудите.
Кога лудаците се погласни од умните во јавноста, многу е полесно луѓето да се претвораат во послушно стадо овци, а штом ги нема умните овчарски кучиња да го чуваат стадото, чувари стануваат – волците.
Верувам дека знаете какви „резултати“ се постигнуваат кога не владее разумот, туку насилството и лудилото, и кога гласните будали и лудаци ќе добијат реална моќ. Човештвото искусило безброј такви примери, и во подалечното, и во мошне блиското минато.
Не знам дали чувствувате, нашето општество е сè поблиску до остварување на оваа „цел“. Умните се сè потивки, оти општествената одговорност и гласноста за битни јавни прашања, речиси без исклучок, со себе носат ризик од јавни закани по живот, гнасни навреди во кои се вклучува семејството, клевети, лаги, тешки навреди итн.
Војските на омразата на социјалните мрежи не толерираат никакво различно мислење, особено не ако е аргументирано, умно, стручно. Се стрела, беси, се сечат глави, прсти. Дури, верувајте, ќе видите далеку поголема разбирачка во една плукачка дискусија меѓу самите плукачи, отколку кон некој умен, доколку се појави во таков „дијалог“.
Затоа, не чудете се што има сè помалку умни луѓе што сакаат да се изложат на таков непотребен ризик и да ја нарушат личната комоција и безбедност, за некој имагинарен јавен интерес за кој сè помалку зборуваме, во едно општество кое не се покажува баш благодарно кон најдобрите во него, и сè поретко покажува намера да го слушне нивниот глас, оглувено од урлачите и навивачките табори во плукачката арена.
Сè уште гори по некое светло во арената. Но, не е далеку денот кога и тие ќе бидат угасени, или покриени од „прашината“ полна омраза, меѓу луѓе кои сè помалку се гледаат со љубов и разбирање, а сè повеќе со крв во очите.
Знаете, што следува потоа. Да не биде дека не ви кажал Младиќот. А сега, слободно повелете, раз, два три пљуц…
#SledeTene
#KogaRazumniteKeZamolcat
#AluminiumOverMaximum
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.