Чекав да поминат 24 часа со надеж дека ова е само ефект на изреката „Кој губи има право да се жали“, но последните реакции само ги потврдат првичните сомнежи што се појавија после вчерашното собрание на ЗНМ. Што се случуваше?
На почетокот, некои колеги се пожалија на ограничениот термин за зачленување во ЗНМ, нешто што во периодот на одржување на двете претходни собранија сами се боревме да се постави како правило.
Потоа, еден колега побара одложување на Собранието. Легитимно право, но кое не доби ни минимална поддршка. Потоа, од едниот кандидат за претседател слушнавме обвинувања дека ЗНМ и поранешниот претседател се политизирани, корумпирани итн. Не сакајќи да придонесам во нарушување на атмосферата и имиџот на организацијата, не реагирав, но сега јавно сакам да ги прашам колегите што реагираа, а 4 години биле членови на Управниот одбор.
Каде бевте цело време, зошто нам, членовите на ЗНМ, не сте ни кажале дека некој „крадел“ во ЗНМ?
Сите знаеме дека, и ако се крадело, тоа биле донации од меѓународни фондови, па зошто ни тие не забележале такво нешто?
На крај, дали Изборното собрание е место за такви пријави?
Не, изборното собрание е место за избор, за кампања, за промоција и затоа и јас сите такви задоцнети обвинувања ги гледам во функција на таа кампања и пропаганда. Но кому му служат?
За да добиеме одговор на ова прашање доволно е да гледаме кој реагира и се сомнева во изборот на органите и претседателот на ЗНМ. Иван Мирчевски, директор на Канал 5 и Атанас Кировски од Телма се најгласни, а и телевизиите кои ги водат станале алатка на таква кампања. ЗНМ треба и до сега била независна и од политичките партии, и од олигарсите, и од бизнис заедницата, и од газдите на телевизиите.
Знаеме дека телевизиите имаат свои организации, кои се важни институции, исто колку што е и ЗНМ. Едната ги брани правата и интересите на телевизиите, а другата на новинарите.
Зашто газдите се толку загрижени за начинот на избор на претседател на ЗНМ? Зарем сакаат и во нашето независно здружение да ни бидат газди? Кај сакаат да нѐ продадат и да нѐ пазарат?
Ве молам, почитувани бизнисмени, газди и сопственици на телевизии, нѐ плаќате за работата во работно време, не пробувајте ни да помислите дека ќе ни ја купите и душата, мозокот и достоинството.
А вие, политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, еднаш засекогаш помирете се со фактот дека ни насилството, ни вашите пари нема да нѐ покорат. ЗНМ ја обвинуваше и минатата влада и никогаш не стана алатка на опозицијата, ниту сега нема да биде алатка на тогашната опозиција и сегашна власт.
Ве разбирам дека стравувате од силата на новинарите и сакате да превенирате соочување со слободното и независното новинарство. Но да знаете дека, колку повеќе нѐ притискате (како што правеше минатата власт), толку повеќе ќе имате проблеми со вашите демократски вредности.
Научете се, еднаш засекогаш, дека од ЗНМ нема да произлезат веќе ни началници, ни идни министри, ниту пропагандисти. И колегите што некогаш, преку газди, пари или закани сте ги принудиле да прават нешто во ваш интерес, потполно ги разбираме и нема да ги избркаме, нема да ви ги оставиме вам.
Ние имаме разбирање и за нив и ќе бидеме заедно до целосно ослободување на новинарството од политичките партии и центрите на моќ.
Имам голема почит кон колегата Трпеноски, кој вчера, по Изборното собрание, пишуваше за сомнителните бројки. Негово потполно право како член на верификациона комисија, но да бидеме професионални до крај. Таквите оспорувања требало да се посочат пред завршување на Собранието. Откако изборите се констатираа и Собранието заврши сега, според Статутот на ЗНМ, зборот го има Управниот одбор да го толкува статутот во врска со евентуални дилеми околу гласањето.
Верувам силно дека колегата Трпе нема да дозволи да помине на другата страна на линијата и нема да дозволи да се извалка, ниту професијата, ниту Здружението. На крај, имајќи предвид дека ЗНМ е во одлична соработка и со меѓународните пријатели што ни помагаа да стигнеме до тука, ни помагаа како општество да се ослободиме од минатиот режим, ги замолувам да ни помагаат и во сегашната битка против оние што можеби мислат и се надеваат и на преземање на ЗНМ.
Неколку збора и за Насер Селамни: Имал грешки за кои често пати и јас сум реагирал, но генерално, тој не дозволи ЗНМ да биде ни под робија на режимот, ни алатка на опозицијата.
Сите памтите кога режимот насилно нѐ избрка од Собранието, а претходно во галеријата се појави пратеник од тогашната опозиција и сегашното мнозинство. Со зборовите: „Вие гледајте ја вашата работа, ние нашата, не ни се мешајте, доле е вашето место!“ – беа зборовите на Селмани кон пратеникот, не дозволувајќи да се вовлечат новинарите во партиските битки.
Насер реагираше и кога ВМРО и кога СДСМ, и кога ДУИ и кога ДПА навредија или напаѓаа новинари. А реагираше и кога ние самите згрешивме и постапувавме неправилно и нечесно.
Имам разбирање ако некој ве принудил и ве ставил во непосакувана положба, да зборите против ЗНМ, НАСЕР или МЛАДЕН, но доволно беше. Немојте да си земате толку залет!
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО ВО ЦЕЛОСТ, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.
Фотографија во прилог на текстот: ЦИВИЛ