Рускиот концерн „Газпром“ за првпат во последните 43 дена зачува дел од капацитот на гасоводот Јамал-Европа за транзит на сино гориво низ Полска, пренесува информативната агенција МИА.
Информациите за овој потег се објавени на платформата GSA. Според информациите, денеска низ Јамал-Европа во транзит ќе поминат 12,53 милиони кубни метри гас.
Гасоводот Јамал-Европа минува низ Русија, Белорусија, Полска и Германија, и има капацитет од 33 милијарди кубни метри гас годишно.
„Газпром“ на 21 декември престана да испумпува гас за Европската унија, бидејќи не доби барања од европските потрошувачи.
Капацитетите на „Газпром“ во декември беа резервирани според истата шема. Дополнително, капацитетот не беше закажан според редовните, туку на дополнителна сесија на секојдневни аукции, што се користат за резервации за неколку часа.
Од вчера барањата до „Газпром“ за транзит низ Украина изнесуваа 107,7 милиони кубни метри, што е блиску до максималниот договорен волумен на транзитен капацитет од 109 милиони кубни метри, што е двојно повеќе од просечното испумпување за јануари годинава.
Бирнбаум: На Германија и треба рускиот гас
Германија мора да продолжи да се потпира на рускиот гас за да може да го исфрли од употреба јагленот и да ги ограничи цените на енергијата, предупреди извршниот директор на „E.ON“, водечката компанија за електрична енергија во оваа земја, Леонхард Бирнбаум, пренесе Хина.
-Сметаме дека ни треба рускиот гас. Точка. Особено затоа што сега треба повеќе да се потпираме на гас бидејќи сакаме да престанеме да користиме јаглен, рече Бирнбаум.
Тој изрази поддршка за гасоводот „Северен тек 2“, што треба двојно да ги зголеми испораките на руски гас за Германија, но е критикуван во Вашингтон и од сојузниците, со оценката дека германската Влада направила стратешка грешка.
-Гледано од перспектива на енергетска економија „Северен тек-2“ помага. Политичката оценка може да биде различна и за неа треба да се разговара на политичката арена, потенцира првиот човек на „Е.ОН“.
И САД и Германија предупредија дека „Северен тек 2“, проект што е завршен, но се уште не е ставен во функција, може да се соочи со санкции доколку Русија ја нападне Украина.
ДПА забележува дека гасот што доаѓа од Русија, преку гасоводот, во принцип е поевтин од течниот природен гас (LNG).
-Доколку треба да се потпреме на ЛНГ, цените на бензинот во Европа ќе бидат многу повисоки од претходно. За да паднат цените, до Европа мора да стигне повеќе гас преку гасоводите, објасни Бирнбаум.
„Тоа секако значи и увоз од Русија. Се надевам на разумно решение, и покрај сегашните тензии“, додаде тој.












