Претседателот на ВМРО Народна, Љубчо Георгиевски во интервју за ТВ24 објаснува како ВМРО-ДПМНЕ да го одбрани македонскиот идентитет, во врска со веста дека преговорите помеѓу премиерот Заев и Билал Касами пропаѓаат.
Тој, ја предизвика својата поранешна партија, барајќи од неа да ги поддржи уставните измени за сметка на барањата на Беса.
„ВМРО-ДПМНЕ мора да стане државотворна партија во овој момент. Еве, јавно ќе дадам еден совет, кој не сум го пратил тајно на никого во ВМРО-ДПМНЕ. Сега имаме уцена од оние двајца пратеници на Беса, за да се избрише придавката „македонско“ (кај државјанството – н.з.). Замислете Заев да е во таква ситуација, да треба да попушти и таа да се избрише, само за да помине Договорот со Грција? И што сега? ВМРО-ДПМНЕ и други патриотски партии ќе бидат среќни со тоа? Јас не би бил среќен. Во овој момент таа ситуација би била еден добар мост за да се каже: ‘Еве, вие покажавте дека сте неспособни да организирате 80 пратеници, ние свесно ви даваме двајца, само Македонија да не прави нови отстапки во Договорот со Грција“, јавно и сугерираше Љубчо Георгиевски на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју на ТВ „24“.
Според него, тоа ќе биде можност за „елегантен влез за премостување на сегашната ситуација, и во односот на ВМРО-ДПМНЕ кон меѓународната заедница, но и во обидот за да се заштити дел од она што се нарекува македонска кауза“. Георгиевски го критикуваше деценискиот период на идеолошка манипулација на граѓаните од страна на Груевски, како и фактот дека не е патриотизам на меѓународни собири со парче хартија да се покрива кратенката ФИРОМ, туку дека треба да се направи нешто тој проблем да се реши.
Премиерот Зоран Заев, пак, денеска изјави дека се уште се во разговори со БЕСА на Биљал Касами за изнаоѓање техничка формулација во однос на државјанството со цел обезбедување на потребните 80 пратеници за донесување на уставните амандмани.
„Беса е принципиелно поставена за ова прашање, како што се и осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, и се „први кои се за заштита на македонскиот идентитет“. Суштината на Беса е преку формулацијата на македонско /граѓанин на РСМ да не се остави впечаток дека Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите и сите други во државата ќе бидат македонски. Тоа е суштината. Се изнаоѓаат техничките аспекти за решавање. Секако државјанството е македонско и така и ќе остане. За тоа нема дилема. Беса не бара да се смени идентитетот или слично. Будното око на осумте пратеници токму тоа го прави како и ние и останатите пратеници. Работиме да се изнајде решение за техничките формулации како државјанството за сите да биде македонско/граѓани на Република Северна Македонија, а сепак, Албанците и другите етнички заедници да не бидат Македонци“, рече Заев.
А. М.