„Реториката која денеска ја користи СДСМ е онаа на ВМРО-ДПМНЕ од 90-тите, да речеме – до 2000 година, а реториката што ја користи ВМРО-ДПМНЕ, е онаа на СДСМ од деведесеттите!“, рече Љубчо Георгиевски, основач и посечен претседател на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен претседател на ВМРО-НП, во разговор со ЦИВИЛ Медиа.
ЦИВИЛ МЕДИА: Господине Георгиевски, имате ли информација што се случува во ВМРО-ДПМНЕ, во однос на тоа што се изгласа за уставни промени, оставките и исклучувањата во партијата?
ГЕОРГИЕВСКИ: Извори на информации немам толку многу, затоа што, за жал, знаете дека во ВМРО-ДПМНЕ кадровската структура е многу променета. Многумина од тие луѓе, малку ги познавам и можам само да ви дадам анализа врз основа на она што во јавноста се презентира како информација.
Според она што го гледам, прво, морам да кажам дека за, жал, и покрај кадровските промени што се случија и пред оваа криза во ВМРО-ДПМНЕ, очекував дека нешто различно ќе се случи на идеолошки план во ВМРО-ДПМНЕ. За жал, тоа не можам да го видам до ден-денеска, гледам дека реториката на ВМРО-ДПМНЕ е се уште реториката што, за жал, господинот Никола Груевски ја внесе во партијата. Идеолошката матрица е таа, идеите се тие, и некако тешко се расчистува со таа идеолошка наслага која 11 години беше карактеристика за ВМРО-ДПМНЕ. Така што, оваа битка на исклучување на пратеници, морам да кажам дека повеќе ја доживувам како битка со периферни работи, а не како некои суштински промени… Дали некои луѓе се врзани со нешто, дали се условени со нешто, не знам… Значи, не е се работи за реална идеолошка трансформација на партијата. За жал, ВМРО-ДПМНЕ денес продолжува да биде носител на една реторика која за мене е надмината, завршена и помината. Јас, како човек кој сум ја основал таа партија, кој сум се вградил во таа партија, имам и едно лично жалење, што моите идеи и моите сфаќања за Македонија, денес повеќе ги препознаваат луѓе од СДСМ, и сега, нормално како свои, ги истакнуваат и се борат за тие идеи. А, партијата која сум ја создал, ја зборува со поинаква реторика. Ако направиме споредба, не можам да не ја забележам критиката – дека реториката која денеска ја користи СДСМ е онаа на ВМРО-ДПМНЕ од 90-тите, да речеме – до 2000 година, а реториката што ја користи ВМРО-ДПМНЕ, е онаа на СДСМ од деведесеттите!
Едноставно, не можам да начудам какви се процеси се случија во Република Македонија… Жал ми е што тоа се случува, жал ми е што партијата која концептот за државнотвороста го донесе во Македонија во 90-тите, денеска се претвора во некаков собирач на стари приказни, на некои погрешни сфаќања за идентитетските прашања. А чувството за државност е тука некаде по пат изгубено… И, сето тоа, за жал, ја прави таа партија, далечна од мене.
ЦИВИЛ МЕДИА: Доколку не успее Договорот со Грција, има ли Македонија „План Б“?
ГЕОРГИЕВСКИ: Можеби до пред петнаесетина денови ова прашање имаше повеќе основа, зашто гледаме дека некои проблеми се надминаа. Сепак, денеска има доволно пратеници кои би гласале во македонскиот парламент и во таа насока, јас сум оптимист дека оваа агенда ќе се истера до крај. Не гледам во овој момент некоја сопка со која може да се случи да не поминат уставните амандмани. Меѓутоа, некаков „план Б“ не зависи само од Македонија, зависи и од меѓународната заедница. Ние можеме да си правиме какви сакаме идеи и концепти и замисли, меѓутоа, тие концепти и замисли треба да ги прифати меѓународната заедница, затоа што може да имаме многу големи проблеми. Мислам дека ниту Македонија, има некој вистински „план Б“, што ќе прави ако пропадне оваа евроатланска интеграција, а сметам и дека меѓународната заедница не е нештоподготвена да прави политика специјално за Македонија, и да ни дава простор да се развиваме во таа насока. Така што, сметам дека и немаме потреба од „план Б“. Ние имаме јасна агенда, нашиот интерес е влез во ЕУ и НАТО! Тоа како држава, како нација, како граѓани…, сме го поставиле многу рано, со правењето на самостојна Македонија и сметам дека сега, кога влеговме на патот на таа агенда, треба да ја завршиме.
Ангела Петровска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети