Во пресрет на подготовките на претстојниот попис кој според најавите ќе се спроведе во 2020 година, ЦИВИЛ Медиа зборуваше со поранешниот директор на Државниот завод за статистика и експерт за демографија и попис, Дончо Герасимовски.
Сите актуелни прашања поврзани со пописот во 2020 година можете да ги проследите на медиумската платформа на ЦИВИЛ преку низа разговори со Герасимовски.
Денеска зборуваме за мешањето на политиката во пописот како статистичка операција и интересот на политичките партии кој доведува до вмешување во истиот.
ЦИВИЛ МЕДИА: Често пати знаете да потенцирате дека политиката треба да се оддели од пописот како статистичка операција. Кој е интересот на политичките партии да ја мешаат политиката со пописот?
ГЕРАСИМОВСКИ: Познато е дека и самите политички партии се поделени по етничка припадност, иако во дел од нив има и различни етникуми, но сепак, се знае влијанието во истите, кој раководи со нив, кој е претседател итн… Од тој аспект, може да се констатира дека политичките партии можат да се усогласуваат, можат да расправаат, да видат што е во функција на сето она што е потребно во самиот попис што е во интерес на државата и на општеството.
Во крајна линија, во граѓанското општество се забораваат етничките припадности, бидејќи општеството за сите не налага дека треба да се двоиме по нешто, или да се пребројуваме колку сме едните и колку сме другите. Творењето на Европа и на граѓанското општество, општеството за сите е општество коешто треба да биде јавно, транспарентно и единствено за сите.
Јас неколку пати досега сум нагласил дека доколку постои политичка волја може да има и попис! Сметам дека во изминатиот период од неуспешниот попис во 2011 година, со поделбата на политичкото мислење, со поделбата на политичките партии се доведуваме во таква состојба.
Иако уште истата година се покрена прашањето за одговорноста, но не се поведе никаква одговорност за самиот попис и неговиот неуспех. Ниту од членовите во Државната пописна комисија, ниту од директорот на Државниот завод за статистика. Зошто се доведовме до таква ситуација? Зошто потрошивме толку пари? Државната пописна комисија, па и директорот на Државниот завод за статистика имаат земено доста купчиња пари од тоа што учествувале во истиот, меѓутоа одговорноста ја нема никаде! Тоа значи дека самата функција внатре треба да ги носи и одговорностите.
Иако, веднаш беше покренато со друг предлог-закон да се спроведе друг попис, по неуспешниот, се дојде до констатација на одредени политичари, политички партии, претседатели на политички партии коишто велеа дека попис не е потребен, па дури еден од нив рече „попис ќе има јас кога ќе кажам“… Влијанието на политичките партии во пописот е неусогласеност. Влијанието на политичките партии не треба да биде предност на етничката припадност, не треба да биде предност на одредени белези или состојби коишто ги имаат. Веќе реков основното е дека треба квалитетни подготовки, квалитетно спроведување, квалитетно организирање и меѓусебна соработка на сите во функција на државата, во функција на потребите од податоци коишто се добиваат од пописот, податоци коишто во поголем дел се единствен извор и кои не може да се добијат на поинаков начин.
Тоа значи дека политичките партии треба да бидат загрижени за развојот на државата. Политиката е политика, меѓутоа, политиката на развој, политиката на прогрес, политиката на демократија, развојот на државата, рамномерен регионален развој… Како ќе градиме политики од било која сфера од социјалата, од економијата, во образованието, во изградбата и слично без релевантни податоци? Па ние не знаеме колку станови имаме во државата! Не знаеме колку згради имаме! Не знаеме каква е опременоста! Не знаеме каде да градиме здравствени домови, каде да градиме детски градинки, каде да градиме низа други установи, а велиме ќе правиме! Вие ќе правите, но, немате официјален податок од тие политики, на пример, каде има деца за да градите градинки… Вие знаете дека годишно има две до три илјади ученици помалку во прво одделение. Вие знаете дека за десеттина години има околу 30.000 ученици помалку во основно образование, околу 50.000 помалку во средно образование, тука треба да се насочат политиките за да може да се види до каде сме. Тоа се системски мерки коишто треба да траат во еден подолг временски период и затоа не случајно се прави и попис на 10 години за да имате свежи податоци коишто ќе можете да ги користите за развој. Така што влијанието на сите, па и на политичките партии треба да биде во таа насока, а не само за едно прашање.
Маја Ивановска
Камера и фотографија: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети
Утре ќе читате: Дали и како Избирачкиот список е поврзан со пописот на населението?
Преземање на содржините е ЗАБРАНЕТО ВО ЦЕЛОСТ, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.