Во пресрет на подготовките на претстојниот попис кој според најавите ќе се спроведе во 2020 година, ЦИВИЛ Медиа зборуваше со поранешниот директор на Државниот завод за статистика и експерт за демографија и попис, Дончо Герасимовски.
Сите актуелни прашања поврзани со пописот во 2020 година можете да ги проследите на медиумската платформа на ЦИВИЛ преку низа разговори со Герасимовски.
Во денешниот разговор ги презентираме ставовите на Герасимовски за опасноста од бојкот на претстојниот попис доколку се изостави графата за етничка припадност?
ЦИВИЛ МЕДИА: Веќе има иницијатива да се бојкотира пописот доколку се отстрани прашањето за етничка припадност. Како државата ќе се справи со тоа, доколку политичарите се договорат, а народот одлучи бојкотира. Дали доколку се изостави ова прашање ни се навестува уште еден неуспешен попис?
ГЕРАСИМОВСКИ: Подготовките на пописот не случајно се даваат во петгодишен период со препораки, затоа велам не случајно една или две години наназад ние веќе треба да ги знаеме содржините и белезите. Стручната организација која што го спроведува пописот треба да ги применуваа сите стандарди од класификации, дефиниции, резолуции, одлуки и сè она што е присутно.
Но, за тоа треба јавна расправа, бидејќи државите имаат поодамна отворено такви расправи. За пример ќе ја земам соседна Србија, во месец мај оваа 2018 година, одржа тридневна трибина, советување, дебати со одредена содржина и агенда на дневен ред каде што беа поставувани прашања за пошироката јавност, со акцент на тоа кои се целите, препораките, потребите и намената и сè она што треба да содржи еден попис.
Низ таква јавна расправа се слуша мислењето на јавноста, науката, државата, Владата, Собранието, преку надлежните институции… Затоа велам не треба да понудиме нешто готово и да кажеме еве тоа е. Од тука се отвара потребата од јавна расправа која ќе отвори многу прашања кои нам под итно ни треба, бидејќи треба да се проба и тестира.
Најмалку година дена пред пописот се носи и Закон за попис, којшто јавноста веќе треба да го знае, меѓутоа пред да се донесе таков закон треба да има јавна расправа, бидејќи ако се донесе Законот не вреди понатаму за вашето прашање да отвараме јавни расправи итн. Законот ако е во процедура не е битно, сепак можеме преку јавна расправа да ги слушнеме и прашањата на новинарите или на невладини организации, на граѓаните од сите етнички заедници и било што може да допринесе за еден успешен попис којшто треба да биде.
Иако многу закони се донесени со европско знаменце, имам забелешка и укажувања дека треба да видиме што може да се применува од тие закони или како ги применуваме истите…
Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети
Прочитајте повеќе:
Дали Македонија е подготвена за попис?
Нè очекува ли успешен попис во 2020 година?
Герасимовски: Интересот на државата пред сè!
Утре ќе читате: Кој е интересот на политичките партии да ја мешаат политиката со пописот?
Преземање на содржините е ЗАБРАНЕТО ВО ЦЕЛОСТ, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.