Во воведното излагање на конференцијата „Перспективи 2019“ во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода, германскиот амбасадор, Томас Герберих, истакна дека ова е многу важно време за Македонија, по имплементацијата на Преспанскиот договор и особено по ратификацијата на Протоколот за НАТО во грчкиот Парламент.
„Патот пред вас и нас нема да биде лесен и понекогаш ќе биде болен. А времето тече! Европскиот совет во јуни 2019 ќе одлучи дали ќе започне проширувањето и пристапните преговори, во зависнот од понатамошниот прогрес на реформите. Една работа е јасна! ЕУ перспективите за вас се вистински и пореални од кога било!“, рече Герберих.
Амбасадорот истакна дека што се однесува до реформите се направени значајни исчекори, особено во доменот на судството, администрацијата и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
„Искрено се надевам дека ќе успеете и дека до крајот на 2019 година ќе започнат и преговорите. Сигурен сум дека вашето општество и владата фокусирано ќе продолжат по патот на реформите, без оглед на внатрешните и надворешните притисоци“, изјави Герберих.
На конференцијата #Перспективи2019 излагања имаа германскиот амбасадор Томас Герберих, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, проф. Мирјана Најчевска, Џевдет Хајредини (поранешен министер за финансии), Александар Кржаловски (МЦМС), Мерсиха Смаиловиќ (Легис), Кочо Андоновски (Центар за поддршка на ЛГБТИ+) и Фатон Алити. Од ЦИВИЛ зборуваа Биљана Јордановска, Дехран Муратов и Џабир Дерала.
М. Ивановска
камера и монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Биљана Јордановска