ВЕСТ НА ДЕНОТ
Утрово е потврдена поддршката од НАТО сојузникот Германија, со што се одобрува во земјава да пристигнат стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги при несреќи за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот КОВИД центар во болницата во Тетово,соопштија од Владата.
Станува збор за експертски тим кој доаѓа од Германија, поточно од Бундескриминаламт или Федералната криминалистичка полиција чиј делокруг на работа е токму во национална и меѓународна соработка, истраги, истражувања и развој. БКА е со висока експертиза во поддршката при истраги, особено во делот на форензички науки, днк анализи, електронски истраги и идентификација.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
МЗ: Сите документи се спремни за увид, целосна поддршка за истрагата
Министерството за здравство ја поздравува постапката на Основното јавно обвинителството за истрагата за избувнувањето на пожарот во мобилниот ковид-центар во составот на Клиничката болница во Тетово, каде, како што се нагласува во соопштението, на голема жалост имаше и човечки загуби и информира дека ја доставува на увид целокупната документација за модуларните болници.
– Ја информираме јавноста и истражните органи дека стоиме на располагање на сите институции и сакаме да соработуваме и да ја приложиме целокупната документација со која располагаме, за поставувањето на сите 17 регионални ковид-центри во државата, велат од Министерството за здравство.
ПОЛИТИЧКИ ОК КОРАЛ
Иако политичките партии најавија дека нема да имаат јавни активности поврзани со локалните избори 2021 закажани за 17 октомври, поради тридневна жалост по пожарот на модуларната Ковид болница во Тетово, сепак ВМРО-ДПМНЕ објави уште неколку кандидати за градоначалници, ДИК објави дека синоќа заврши јавниот увид во Избирачкиот список. За жал, и трагедијата во тетовката модуларна болница стана дел од партиските агенди на политичките партии…
ДА ПОВТОРИМЕ: ЦИВИЛ ГИ ПОВИКА СИТЕ ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ И НЕЗАВИСНИ КАНДИДАТИ ДА ЈА ИСПРАЌААТ ИНФОРМАЦИИ ЗА АКТИВНОСТИТЕ. ДЕЛ ОД ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ И НЕЗАВИСНИТЕ КАНДИДАТИ, СÈ УШТЕ НЕ ОДГОВОРИЈА НА ПОВИКОТ И НЕ ИСПРАЌААТ ИНФОРМАЦИИ. ТОЛКУ ОД ТРАНСПАРЕНТНОСТА! – се вели на крајот од денешното попладневно издание на изборната хроника на ЦИВИЛ.
ФЛЕШ ВЕСТИ
БИЛАНС Од доставените извештаи до обвинителството се утврдува дека од починатите, осум жртви се жени и шест мажи, на возраст од 29 до 78 години. Од нив 12 лица биле хоспитализирани како пациенти во модуларната КОВИД болница. Од починатите, две лица и тоа сопруга на пациент и ќерка на пациентка се надворешни лица кои не биле хоспитализирани, информираат од Обвинителство.
ПРАВДА Денеска продолжи судењето за случајот „Плацеви на Водно“. Одбраната на обвинетиот Камчев бара укинување на притворот за Камчев или замена со куќен притвор.
КОДЕКС Овластените претставници на сите политички партии, односно подносителите на листи за локалните избори најдоцна до 23 септември на централно ниво ќе потпишат Кодекс за фер и демократски избори. Потпишувањето на Кодексот е организирано од Државната изборна комисија во соработка со Национален демократски институт.
ПОПИС Пописните активности на терен течат, не се прекинати, а се спроведуваат со намален интензитет со цел техничкото усогласување да се заврши во најкраток можен рок и час поскоро процесот да продолжи со висок интензитет како и до сега, информираат денеска од Државниот завод за статистика.
Направи разлика: Почитувај ги различностите
Новинарот и активист Дехран Муратов од ЦИВИЛ, со своето учество во иницијативата „Направи разлика: Почитувај ги различностите“ преку видео порака им порачува на граѓан(к)ите дека не треба да ги учиме нашите деца дека „сите се исти“, напротив, треба да ги учиме дека сите се различни, се раѓаат различни, но дека сите имаат исти права.
Активистот Бленди Ходаи со видео порака во иницијативата на ЦИВИЛ „Направи разлика, почитувај ги различностите“ вели дека време е да одмориме од минатото, и да се фокусираме на градење на што подобра иднина за младите.
Мултиталентираната пијанистка, професорка и спортистка Дуња Иванова, во видео порака за Иницијативата „Направи разлика, почитувај ги различностите“ вели дека со почитување на различностите создаваме поквалитетно општество за сите.
СЛОБОДНА ЗОНА
„За какво незнаење, утрото по ноќта на пожарот, на „првичните индиции“ и „бројот на жртви“ говори опозицијата?! Би било крајно несериозно и неодговорно од државата за тоа официјално да се излегува во јавноста без точното утврдување на тие податоци, иако и ние, новинарите, и нашите медиуми се „бориме“ за секој детал повеќе (макар и со добро втемелени шпекулации!) што може да „осветли“ некој аспект од настанот, „заслепени“ од силината на огнот на местото на настанот“, Сашо Орданоски во колумната „Сега е време за сочувство, не за партиско „лешинарење““.
Д. Тахири












