По доставеното барање на ЦИВИЛ – Центар за слобода за укинување на привилегиите на функционерите во Собранието на Република Северна Македонија, разговаравме со Дарко Гигов, кој покрај тоа што дојде да даде поддршка за иницијативата, го сподели и искуството за неговиот татко Страхил Гигов, кој бил функционер во СФРЈ.
Тој за ЦИВИЛ Медиа вели дека татко му раскажувал за тоа дека никогаш не земал дневница, кој најчесто патувал до Белград и по пат спиел во автомобил или воз.
Во однос на огромните трошења на функционерите во последните 20 години, Дарко вели дека сите тие трошења во кафеани, хотели… е неизживеаност и дека за тоа ќе патат само граѓаните, за кои Дарко вели дека не можат да врзат крај со крај.
Тој се сомнева во тоа дека функционерите ќе се откажат од привилегиите кои ги добиваат од државата.
ЦИВИЛ – Центар ова барање го поднесе до Собранието на Република Северна Македонија изминатиот петок, 17 мај.
„Едноставно, преголемите трошоци кои ние ги имаме за апанажи, за пензии, за доживотни пензии и други издатоци кои ги користат, според законите, кои токму во овој парламентарен дом се изгласани во текот на изминатите години и децении, сметаме дека треба да бидат сериозно ревидирани и укинати, или во најголем дел да бидат редуцирани до едно пристојно нормално човечко ниво. Вака изгледа како Македонија да е еден султанат, во кој газди се оние коишто се на власт. Во било која смисла на зборот. Дали се локални шерифи, или бивши претседатели, тие едноставно го цицаат доброто на овој народ, на овие граѓанки и граѓани кои едноставно, повеќе, не можат да го издржат тој товар“, изјави претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
Ангела Петровска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети