По вчерашниот инцидент кај плоштадот „Скендербег“ во скопската Чаршија, разрешен е вршителот на должност на Ј.П. Комунална хигиена Зуди Енузи, соопштија од Град Скопје.
Енузи е братот на Јусуф Кока, човекот што пукаше од пиштол за време на инцидентот со демонстрантите и група граѓани кај плоштадот „Скендербег“ во скопската Чаршија.
„Градот Скопје како град на соживот и солидарност не смее да биде центар на насилство и пресметки со огнено оружје и креирање меѓуетнички тензии меѓу нашите сограѓани. Политиката зема замав и во ниту еден случај не смее да влијае на професионалноста на водењето на институциите.
И покрај одличното и професионално менаџирање со јавното претпријатие Комунална Хигиена од страна на Зуди Енузи, сепак мојот етички кодекс не дозволува тој да продолжи да раководи со претпријатието. Затоа истиот е разрешен од позицијата вршител на должност, се вели во соопштението на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.