Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска е физички нападната при извршување на работни задачи во Чаир. Кон неа биле упатени и вербални закани од повеќе лица.
Информацијата ја потврдија од Министерството за внатрешни работи од каде соопштија дека инцидентот се случил на улицата „Кумбара“, а случајот бил пријавен во СВR Скопје во 12:15 часот.
– На 11.07.2025 во 12:15 чaсот од страна на А.Ј. во СВР Скопје пријавено е дека при извршување работни задачи на ул.„Кумбара” физички била нападната градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и дека повеќе лица и упатувале вербални закани. Истата не сакала да поднесе пријава за настанот по што се упатила во ГОБ 8 Септември за укажување лекарска помош, информира МВР.
СДСМ го осудува нападот врз градоначалничката Данела Арсовска
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, најостро го осудува нападот врз официјални лица од Градот Скопје. Овој брутален напад е последица на атмосферата на страв и беззаконие што ја создава оваа власт. Овој напад е уште еден доказ дека кога се зборува за криминал, кога се откриваат злоупотреби, институциите не ве штитат — туку ве оставаат на милост и немилост на насилниците, реагира портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје осудува секаков вид на насилство, притисоци и закани, кратко соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Било кое такво однесување е неприфатливо и надвор од здравиот разум. Воедно бараме институциите да го расветлат случајот, се до конечно дознавање на вистината и утрдување на фактите на случајот кој ја разбранува јавноста“, се наведува во партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.












