Џевахир Скај Сити испрати соопштение во врска со договорот за закуп и користење на службен простор за потребите на Иванов.
„Би сакале да ја информираме јавноста дека помеѓу компанијата Турмак АД – Подружница Скопје и Службата за општи и заеднички работи на Република Северна Македонија е склучен договор за закуп и користење на опремен службен простор за потребите на Кабинетот на поранешниот претседател на државата, Ѓорѓе Иванов. Договорот е склучен во времетраење од една година и е во сопственост на компанијата Турмак. Според договорот, месечниот закуп за 274 м2 деловен простор изнесува 1950 евра“, стои во соопштението.
Инаку, Иванов, е кум на Есер Џевахир, син на инвеститорот Ибрахим Џевахир кој ги изгради кулите и ќе има 2 канцеларии во една од 42-катниците. Едната, за службените обврски на неговиот кабинет, е на 22 кат, другата за библиотека и состаноци е на 38 кат. Иванов ќе има пензија во висина на претседателската плата, околу 90.000 денари, кабинет, возач, автомобил, телохранители и три службеници во кабинетот. Годишниот буџет за потребите на експретседателот е 105.000 евра.