Веќе три дена жителите на општината Шуто Оризари се „отсечени“ од центарот на градот поради тоа што автобусите со броевите 19 и 20 не сообраќаат. Граѓаните се револтирани и велат дека иако се оставени без превоз, немаат никаква информација што се случува и до кога ова ќе трае, пишува Слободен печат.
Приватните автобуски превозници веќе подолг период се жалат дека се наоѓаат пред финансиски колапс поради нередовната исплата од надлежните. По многубројните апели конечно беше реализирана средба помеѓу претставници од Градот и претставници од приватните автобуски превозници, на која било договорено да се исплатат потребните средства што Град Скопје им ги должеше за месеците март и април.
– Постигнавме договор со Град Скопје да ни бидат исплатени средствата што ни ги должат за март, а парите што треба да ни ги исплатат за април да ги добиеме откако ќе биде направен ребаланс на Буџетот. Договорено е и од понеделник да започне авансната исплата за овој месец, која треба да ја добиваме на неделно ниво – информира Милорад Димитриевски од „Макекспрес“.
Според Димитриевски, токму немањето доволно финансиски средства била причината поради која неколку денови наназад жителите на Шуто Оризари немале редовен автобуски превоз.
За лошата финансиска состојба со која во моментов се соочуваат, се пожалија и од „Слобода превоз“ од каде што информираат и дека ваквата состојба трае веќе неколку месеци и дека тие се финансиски исцрпени не само поради недоволниот прилив на финансиски средства, туку и поради континуираниот пораст на цените на нафтата и на нафтените деривати.
– Деновиве ни беа исплатени средства за февруари, но и понатаму немаме добиено средства за март и за април. Исто така, не се врши ни авансна исплата на неделно ниво за тековниот месец, која изнесува околу 70 отсто – објаснува Ленин Јовановски од „Слобода превоз“ за тековната финансиска состојба и за настанатиот долг што Град Скопје го имаат кон приватните автобуски превозници.
Според Јовановски, во моментов ним треба да им бидат исплатени вкупно 55 милиони денари заостанат долг за превозот на патници што го извршувале во март и во април, притоа не сметајќи ги средствата што требало да се исплатат на неделна основа за овој месец.
– Ние постојано се обидуваме да имаме разбирање за ваквата состојба, но доколку продолжи да се трупа долгот, навистина ќе се соочиме со огромни финансиски проблеми – заклучува Јовановски, кој информира дека и покрај многуте ризици со кои се соочуваат, сепак сите патници навремено се превезувани од нивните автобуси кои и понатаму, без исклучок, возат на линиите што ги имаат и ги превезуваат патниците според утврдениот возен ред.
Според приватните автобуски превозници, надлежните институции мораат што поскоро да најдат решение за исплата на средствата за да можат тие и понатаму да продолжат со редовно и професионално извршување на должностите.