Categories

РАЗГОВОР Грчката амбасадорка повторно повикана во албанското МНР

Грчката амбасадорка во Тирана, Елени Сурани вчера попладнево повторно е повикана во албанското Министерство за Европа и надворешни работи.

Овојпат причина за тоа, како што стои во соопштението, се последните случувања во Грција, почнувајќи од алармот за поставена бомба во албанската амбасада во Атина, палењето и уништувањето деловни објекти сопственост на Албанци, протестот пред албанската амбасада и конзуларните претставништва, како и палењето на албанското национално знаме.

– Од грчката амбасадорка беше побарано дистанцирање и во исто време осуда од страна на грчките власти за овие тешки инциденти кои се закана за пријателската клима и односи меѓу соседите, стои во соопштението.

Министерството ја нагласило потребата грчките власти да преземат потребни мерки за да го гарантираат животот и имотот на албанските државјани кои живеат во Грција.

Според медиумите, „ расистичките настани во Грција“ се случиле по убиството на Констандинос Кацифас(35) во неделата во престрелка со албанската полиција во селото Буларат, во близина на албанско-грчката граница, кај Ѓирокастро.

– За овој случај, по верификацијата извршена од Управата за професионални стандарди, утврдено е дека припадниците на специјалната полициска единица „Ренеа“ ги почитувале стандардните процедури и законите и реагирале со цел да ги заштитат животите на припадниците на редот  и жителите на селото,наведува тиранската телевизија Ора њуз.

Во меѓувреме грчкиот заменик министер за надворешни работи Георгиос Катроугалос телефонски разговарал со шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати од кого побарал расветлување на инцидентот. Тој, според Ора њуз, му рекол на Бушати дека е потребна соработка со почитување на независноста на правосудството од двете страни. (МИА)

Print Friendly, PDF & Email