„Северна Македонија: Мандат за Зоран Заев за формирање влада“; „Скопје: Заев го доби мандатот за да формира влада“; „Зоран Заев доби мандат за формирање влада“; „Северна Македонија: Кај Заев мандатот за формирање влада“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми, кои го пренесуваат текстот објавен од грчката новинска агенција АНА-МПА за доделениот мандат на Зоран Заев за формирање влада, јави дописничката на МИА од Атина.
АНА-МПА во текстот пренесува дека претседателот Стево Пендаровски му го додели мандатот на претседателот на СДСМ, „партијата што беше прва на изборите на 15 јули“.
-Зоран Заев изрази уверување дека ќе формира влада, за која, како што рече, ќе биде стабилна и современа и во целост ќе ги почитува трите клучни договори за земјата: Договорот од Преспа, Договорот на Северна Македонија со Бугарија добрососедство и соработка и Охридскиот мировен договор, пишува АНА-МПА.