Метју Нимиц, специјалниот пратеник на ОН во разговорите меѓу Скопје и Атина за прашањето за името, ја повика Грција да го ратификува Договорот од Преспа. Во писмена изјава што ја објави ОН, Нимиц вели дека со нетрпение го очекува завршувањето на процесот како што е наведено во Договорот.
Грција денеска треба да започне со процедурата за ратификација на Договорот, а целата постапка со гласањето да заврши со гласање до крајот на неделата.
Како што беше очекувано и во Грција имаше протест против Преспанскиот договор. Протестот во Атина на која присуствуваа околу 60.000 демонстранти резултираа со најмалку 15 повредени во судир со полицијата.
Меѓу нив повреден беше и фоторепортерот Костас Дадамис. Сојузот на фоторепортери на Грција го осудија нападот. Имено, во нивното соопштение се вели дека група демонстранти облечени во црно и со грчки знамиња, нападнале 5 фоторепортери. Дадамис бил нападнат со палки и шрафцигер и по здобиените повреди на главата и други делови на телото бил префрлен во болница. Опремата му била украдена. Другите фоторепортери успеале да побегнат со помали повреди, но и нивната опрема била или изгубена во хаосот или украдена.
Според грчките медиуми и одборот на директори на ЕФЕ изразил огорченост кон ваквите дејствија. ЕФЕ ги повика сите демократски сили да го осудат нападот и да размислат дали нивната сопствена реторика придонесува за ваквите инциденти и такви фашистички напади врз луѓето, слободата на печатот и, се разбира, самата демократија.
Демонстрантите ја нападнаа полицијата пред грчкиот Парламент на плоштадот „Синтакгма“, на што полицијата одговори со шок бомби и солзавци.
Протестот е организиран од Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија. Меѓу демонстрантите имало и поддржувачи на „Златна зора“ и свештени лица, а пред присутните се обратиле претставници на здруженијата кои бараа повлекување на македонско – грчкиот договор.
Александрос Стаматиу
специјално за ЦИВИЛ МЕДИА
фотoграфии: SOOC