„Класична лажна вест и теорија на заговор“, вели словенечкиот евтопратеник Клемен Грошељ во изјава за ТВ 24, за изјавата на Христијан Мицкоски дека премиерот на Словенија, Јанез Јанша, не бил креатор на нон-пејперот за промена на гранциите на Западен Балкан туку Тања Фајон, Тонино Пицула и Зоран Заев.
„Тоа е типична лажна вест. Во Словенија е секојдневна рутина што и да му оди наопаку на нашиот претседател на Влада, секогаш се бара теорија на заговор. Тоа се лажни вести и теории на заговор со кои се обидуваат да ги намалат негативните последици на надворешно и внатрешно-политички авантури на нашиот претседател на Влада. Никој надвор од Западен Балкан освен нашиот претседател на Влада, никој не споменал, ниту Тања Фајон, ниту Тонино Пицула ниту кој било друг од опозицијата во врска со тој документ“, изјави Грошељ.
Според него, таков документ постои, но не е официјален став на Словенија, туку најверојатно доаѓа од кабинетот на Јанез Јанша во конекции со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Нон-пејперот, Грошељ го поврзува со лични и идеолошки врски меѓу Јанша и Орбан, но и со поранешниот македонски премиер Никола Груевски.
Грошељ оценува дека тоа што е напишано во нон-пејперот може да предизвика тотална дестабилизација не само на Западен Балкан, туку ќе значи и дека ЕУ во својот двор, што го смета како геополитички приоритет, ќе има криза која нема да ја засили, туку ќе ја ослаби Унијата.