По реакцијата од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија поради насловната страница во печатениот весник „Слободен печат“, и одговорот на главниот и одговорен уредник, Бранко Героски, дека нема намера да се извини за фотографијата, Кабинетот на Иванов доставил преставка до Здружението на новинари на Македонија.
По дописот кој Героски го добил од ЗНМ, тој испрати одговор до Советот на честа на ЗНМ кое го пренесуваме во целост.
До Илија Стефановски
претседател на Советот на честа на Здружението на новинарите на Македонија
Почитуван г-н Стефановски,
Со писмен допис од Ваша страна, вчера, на 30.11.2017 година, сум известен дека сте добиле претставка од Кабинетот на претседателот Ѓорги Иванов. Во Вашиот допис, согласно Правилникот за работа на Советот на честа, барате да доставам мое мислење во разумен рок. Ја разгледав „претставката“ на Кабинетот на Иванов и дојдов до заклучок дека таа, всушност, е истиот текст на соопштението што Кабинетот веќе го достави до „Слободен печат“, но и до други медиуми, во кое се реагира поради фотомонтажа на насловна страница на весникот. Тој текст веќе е објавен во весникот „Слободен печат“ на 01.12.2017 година, како и на веб-сајтот на весникот, а истот текст, или извадоци од него, со разни коментари, е објавен и од други медиуми. На таа реакција на Кабинетот одговорив и јас, со уводник објавен во весникот и на порталот Плусинфо.
Како и да е, со задоволство ќе одговорам на дописот на Советот на честа на ЗНМ. Со оглед на фактот дека Кабинетот својата веќе јавно објавена реакција ја преименувал во „претставка“, мојот одговор ќе го доставам директно до Вас, а ќе го објавам и јавно. При тоа, ќе се повикам на публикацијата „ЗНМ – прирачник за навреда и клевета“, објавена од страна на ЗНМ, а која може да ја прочитате на следниот линк.
Во овој прирачник, меѓу другото, се вели: „Нашиот Закон за граѓанска одговорност за клевета, за разлика од многу други закони (како на пример, францускиот), не им дава можност на носителите на јавни функции да тужат во нивното официјално својство. Поточно, нивните функции не се заштитени со овој правен механизам. Така на пример, Претседателот на државата може да тужи како физичко лице, доколку биде изложен на неоснована критика како поединец, но никако не може да тужи во неговото официјално својство како Претседател“.
Процедурата пред Советот на честа на ЗНМ, како саморегулаторно тело, во принцип, треба да ја следи логиката на Законот, кој, патем речено, е донесен со големо залагање токму на ЗНМ, за декриминализација на кривичните дела против повреда на угледот и честа (клевета и навреда). Согласно со тоа, Ве молам да го известите Кабинетот на претседателот Иванов, или него лично, дека лицето Ѓорге Иванов нема право да бара законска и саморегулаторна заштита на својот углед (ако смета дека му е повреден) во своето службено, туку само во своето лично својство. Со самото тоа неговата претставка пред Советот на честа на ЗНМ станува беспредметна.
Но, без оглед на тоа, во одговорот на Вашиот допис, би сакал, како дополнение на мојот веќе објавен одговор на реакцијата на Кабинетот, да се впуштам во куса материјална расправа, повикувајќи се исто така на спомнатиот Прирачник. Во него, меѓу другото, се вели: „…Значи, неспорно е дека јавните службеници треба да уживаат некоја заштита, но опсегот на таа заштита секако е помал од оној на приватните лица, чиј углед е примарно заштитен со правниот механизам за клевета“.
Прирачникот понатаму се повикува на праксата на Европскиот суд за човековите права, која е стандард и кај нас. Па така, во Прирачникот се вели: „Заради ваквата нивна улога (на новинарите и на медиумите – з.м.), Судот ја признава и нивната привилегирана позиција од аспект на одговорност за клевета и навреда. Па така, Судот заклучува дека ‘…новинарската слобода опфаќа и можно прибегнување кон одреден степен на претерување, па дури и на провокација…’ ( Пресуда Dalban vs. Romania, 1999). Сличен е ставот дека ‘како резултат од тесната поврзаност со демократијата, опфатот на слободата на информирање мора да биде сфатен најшироко можно, дозволувајќи степен на претерување, па дури и провокацијa’(Пресуда Radio France vs. France, 2004)“.
Во почетокот на мојот одговор на дописот на Кабинетот на Иванов, имено предупредив на следното: „Претседателот на Република Македонија, под претпоставка да е она што никогаш не бил – одговорен политичар, искрено загрижен за судбината на својата земја – е должен да издржи јавна критика, дури и кога таа е неумерена, ако е тоа во интерес на слободата и на демократијата“. Луѓето од Кабинетот или претседателот Иванов лично, се разбира, не морале ова да го знаат или да ми веруваат (во реакцијата морале само да ме навредуваат, тоа го разбирам), но сепак можеле од ЗНМ да побараат совет како да реагираат во оваа ситуација и какви се искуствата на модерните демократии.
Од тие причини, Ве замолувам претставката на Кабинетот на Иванов да ја отфрлите како неосонована и на претседателот да му испратите еден примерок од многу поучниот Прирачник на ЗНМ кој го спомнав. Господинот Ѓорге Иванов по професија е правник-политиколог, па сигурен сум дека со внимание ќе го прочита.
Ви благодарам на вниманието со кое ме почестивте,
Брако Героски
Главен и одоворен уредник на „Слободен печат“
Скопје, 1 декември 2017 година