Грците денеска гласаат на предвремените парламентарни избори. Според анкетите, десничарската опозициска партија Неа Демократија под водство на Кирјакос Мицотакис има големи шанси да освои мнозинство во парламентот и да му стави крај на владеењето на партијата Сириза на премиерот Алексис Ципрас. Избирачките места беа отворени во 07:00 по локално време.
Ципрас повика на предвремени избори веднаш по претрпениот изборен пораз на европските избори во мај, кога Неа демократиа освои 33,11% од гласовите наспроти 23,78% што ги освои Сириза.
Ова се шести избори во Грција, по глобалната финансиска криза во 2008 година, која Грција ја фрли во тешка економска и политичка криза. Кризата предизвика пад на грчката економија од 28% меѓу 2008 и 2016 година, а растот на невработеноста осиромаши огромен број Грци.
Во предизборието, двете ривалски партии на гласачите им понудија различни ветувања. Десничарот Мицотакис ветува пониски даноци, приватизација на јавните услуги и планира повторно да преговара со грчките кредитори, надевајќи се дека ќе ги убеди да реинвестираат повеќе пари во земјата. Ципрас, кој на власт дојде во 2015 година, ветува повеќе инвестиции, а неодамна ги покачи и пензиите. Неговите сопствени инвестициски политики, исто така, ќе треба повторно да се преговараат со доверителите, бидејќи земјата и понатаму е под супервизија на еврозоната.
Секоја партија што учествува на изборите, треба да освои најмалку три отсто од гласовите, за да влезе во парламентот. Победничката партија добива бонус од 50 места, за да формира влада. За формирање влада, потребно е мнозинство од 151 место во парламентот во кој има 300 места.