Нова демократија, предводена од Кирјакос Мицотакис, победи на предвремените парламентарни избори во Грција. Тие имаат 39,7 отсто од гласовите избројани до 22 часот по грчко време, додека левичарската партија Сириза на Ципрас е на второто место со 31,6 отсто, што ни оддалеку не е толку драматичен пораз каков што беше на мајските европарламентарни избори кога Неа демократиа освои 33,11% од гласовите наспроти 23,78% што ги освои Сириза.
На овие избори, според проекциите на само два часа по затворањето на гласачките кутии во Грција, Нова демократија ќе има целосно мнозинство, бидејќи победникот добива 50 дополнителни места во парламентот. Досега се обработени податоците испратени од околу 75% од окрузите низ земјата.
Во моментот кога резултатите веќе беа јасни, премиерот во заминување, Алексис Ципрас му честиташе на Мицотакис за победата.
„Денес, со крената глава, ја прифаќаме пресудата на народот. За да ја доведеме Грција до таму каде што е денес, мораше да донесеме тешки одлуки со високи политички трошоци“, изјави Ципрас пред бројните новинарски екипи. Тој од новата влада очекува коректно, а не одмаздничко однесување.
Гласачките места се затворија во 19 часот по локално време (20 часот по македонско време), а одѕивот на гласачите беше околу 57%.
Гласањето е технички задолжително во Грција, но законот за задолжително гласање не се спроведува. Многу од гласачите беа на плажите или останаа дома, бидејќи температурите денеска надминуваа 35 степени Целзиусови.
Денес, со крената глава, ја прифаќаме пресудата на народот. За да ја доведеме Грција до таму каде што е денес, мораше да донесеме тешки одлуки со високи политички трошоци – Алексис Ципрас
Една особено добра вест донесоа прелиминарните резултати од предвремените избори во Грција. Екстремно десничарската, неонацистичка партија „Златна зора“ не ги доби минималните 3% од гласовите, потребни да влезе во парламентот, во моментов, резултатите говорат дека освоиле 2,96% од гласовите, што ги остава на маргините од политичкиот живот, односно надвор од парламентот. Сепак, треба да се почекаат конечните резултати од пребројувањето.
Сепак, некои радикали, ќе добијат места во парламентот. Националистичките проруски партии Грчко решение и MeРА25, левичарската партија на поранешниот министер за финансии, Јанис Варуфакис, го поминаа изборниот праг. По нив следат Демократското движење за промени со 7,9 отсто, а потоа Комунистичката партија со 5,4 отсто освоени гласови.
Грчките медиуми, објавија дека една гласачка кутија била украдена од неидентификувана група, тоа нема да влијае на крајниот резултат, така што нема да се прегласува на тоа место.
Што се однесува до Сириза, тие како да се помирија со изборниот пораз уште пред изборите, особено по поразот на локалните и европарламентарните избори во мај годинава. Премиерот Ципрас, всушност, повика на избори три месеци пред редовниот термин. Тој ја собори Нова демократија од власт во 2015 година. Почетокот на неговото владеење го одбележа неговата кампања против политиките на штедење кои ѝ беа наметнати на Грција со години пред тоа. Сепак, за неколку месеци, тој беше принуден да прифати тешки услови за возврат за грчката трета фаза од огромната меѓународна финансиска помош. Како резултат на тоа, Ципрас се соочи со револт токму од неговата партија. На тоа тој одговори со свикување нови избори, само девет месеци по стапувањето на премиерската позиција, на кои повторно ја освои власта и ја одбрани својата позиција.
Сепак, популарноста на Сириза и на Ципрас опаѓаше како што паѓаше грчката економија, а растеше невработеноста. Најжестоките критики во тој период, Мицотакис ги упати на план на економијата, бидејќи, иако таа се подобруваше благодарение на успешните политики на Ципрас и на меѓународната финансиска помош, сепак, реформите и растот беа премногу бавни, барем според опозицијата.
Но, критиките на економските политики на Ципрас ни оддалеку не му донесоа успех на Мицотакис, како што му донесе популарност неговиот радикален национализам со кој го нападна историскиот договор со Северна Македонија.
Грција добиваше серија програми за финансиска помош во текот на изминатата деценија, а од кризата официјално излезе во август 2018 година, кога се врати економскиот раст, што се должи и на успешните реформи на Ципрас. Сепак, невработеноста кај младите останува висока, а националистичката реторика на Нова демократија најголема поддршка доби кај гласачите на возраст од 18 до 24 годишна возраст.
Извештајот го подготви дежурната екипа на ЦИВИЛ Медиа