Во Грција денеска се одржуваат предвремените парламентарни избори. Последните анкети прогнозираат смена на власта во земјата и преземање на премиерската позиција од страна на опозицискиот лидер Кирјакос Мицотакис.
Тешката економска ситуација, како и последниот пораз на изборите за европскиот парлемент се на штета на актуелниот премиер, Алексис Ципрас, кој продолжува да тврди дека најлошото е минато за средната класа во Грција. Премиер Ципрас, најави предвремени избори веднаш откако неговата партија „Сириза“ загуби од конзервативната опозиција како на европските, така и на локалните избори. Лидерот на „Нова Демократија“, Кирјакос Мицотакис, останува фаворит и во овој изборен процес.
Се смета дека опозицијата ќе добие повеќе од половина од местата во парламентот со 300 места. Во спротивно ќе има нови избори. Покрај Сириза, се очекува во парламентот да бидат претставени и помалите партии како „Движење за промени“, „Комунистичката партија“, и неонацистичката „Златна зора“.