Некогаш премиерот, а сега осуден бегалец, со статус за азилант, Никола Груевски, повторно напишал долга и досадна беседа на Фејсбук.
Она што паѓа во очи е што на крајот од ова негово писание, го објавил линкот од лажната вест напишана во порталот на неговиот гласноворник Латас, објавен на 11 август, во која се тврди дека Шведска го одбила барањето за екстрадиција на Дејан Давидовски, обвинет за насилствата во Собранието од 27 април 2017.
“Тоа е политички прогон!“ – се вели во бомбастичниот наслов на вечер.мк. Тоа што три дена подоцна се испостави дека е учебнички пример за лажна вест, го презедоа дваесетина портали од истата групација блиска до ВМРО-ДПМНЕ. На социјалните мрежи се крена бран од реакции, преполни со говор на омраза и поддршка на напаѓачите на Македонското собрание на 27 април 2017 година, а кои ги пласираа организираните ботови на опозициската партија.
По постот на Груевски, се забележува дека текстот објавен на civilmedia.mk, како реакција на лажните вести, е повторно во фокусот на партиските тролови. Зад ова стои Фејсбук тролот број 1, Груевски, кој на сите начини се обидува да ги искористи правните компликации со случајот Давидовски во Шведска, во корист на својата црна пропаганда.
За ваквата постапка на Груевски, има две логични објаснувања. Првото е дека лажните вести очигледни бавно стигнуваат до Будимпешта, а вистината уште побавно. Или, пак, второто, дека Груевски едноставно не може да се откаже од навиката да манипулира со јавноста, па макар било и од далечина.
Организацијата и редакцијата во состав на медиумската платформа ќе се воздржат од понатамошни коментари, во очекување на разрешување на овој случај во надлежните институции. Тогаш, ќе бидат објавени дополнителни информации, сознанија и толкувања што ќе бидат слика на фактичките состојби и официјалните ставови наспроти лажните вести и пропагандата за кои е познато дека веќе сега се подготвени.
ЦИВИЛ Тим за комуникации












