Categories

АПЕЛ Гутереш: Заедно да застанеме во одбрана на новинарите

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш изјави дека е загрижен поради се поголемиот број напади на новинари и ги повика владите на земјите и меѓународната заедница да ги заштитат новинарите и да обезбедат неопходни услови за нивната работа.

Во соопштението објавено на страницата на ОН по повод 2 ноември, Меѓународниот ден за борба против неказнивоста на злосторствата над новинарите, Гутереш истакна дека општеството ја плаќа цената кога новинарите се мета.

–  Им оддавам почит на новинарите кои секојдневно ја работат својата работа и покрај заплашувањата и заканите. Нивната работа и работата на нивните убиени колеги потсетува дека вистината никогаш не умира, ниту нашата посветеност на основното право на слобода на изразување, истакна Гутереш.

Тој потсети дека во последните десет години се убиени повеќе од илјада новинари додека ја извршувале својата „неопходна работа“ и дека девет од десет случаи се нерешени и никој не одговарал за тоа.

Според Гутереш, само оваа година се убиени најмалку 88 новинари, а неколку илјади беа нападнати, приведени или уапсени поради лажни обвиненија.

– Новинарките се во поголем ризик да бидат мета, не само поради своето известување, туку и поради полот, вклучувајќи и сексуални закани, рече Гутереш.

Тој нагласи дека известувањето не е злосторство и дека „заедно мора да се застане во одбрана на новинарите, вистината и правдата“. (МИА)

Print Friendly, PDF & Email