Џавдет Хајредини денеска со поента за резултатите од истрагата на ДКСК за непотизам:
Охрабрена од неочекуваната поддршка што, уште на почетокот на својата работа, ја доби од Бујар Османи, ДКСК се зафати веднаш да реши неколку, веројатно најтешки случаи на непотизам и, на општо задоволство, утврди дека овие вработувања биле во согласност со законот.
Комисијата, инаку, при одлучувањето, не го зеде предвид фактот дека критериумот на стручноста или способноста за определена функција не игра одлучувачка улога, кога станува збор за непотизам.
Да се потсетиме, ЦИВИЛ Медиа деновиве ја објави колумната Ќе ја одреди ли ДУИ и судбината на Антикорупциска? од Хајредини во која тој, меѓу другото, пишува:
По дефиниција, непотизмот е термин со кој се означува пополнување на работни места со членови на сопственото семејство или давање на предност при вработувањето на познајници. Критериумот на стручноста или способноста за определена функција при тоа не игра одлучувачка улога.
Индикативно е што скоро сите споменати функционери изјавија дека не влијаеле при приемот на работа на нивните блиски роднини, иако не ја негираат роднинската врска со нив.
Тукушто формираната ДКСК веднаш пред јавноста излезе со најава дека ќе го испитува непотизмот, односно, ќе испитува дали имало влијание од позиција на моќ при вработувањето на нивните роднини.
При тоа, ДКСК, неочекувано, соопшти дека ќе ги испитува и случаите на непотизам од 2015 година до сега, за што ќе биде потребно подолго време. Не е јасно дали Комисијата, ќе ги испитуваше случаите од 2015 година да не се откриеше непотизмот на актуелните функционери.
Не е точно дека е потребно долго време за испитување на случаите на непотизам ако се знае дека, освен роднинската врска, ништо друго не игра улога, па дури ниту критериумот на стручноста или способноста за определена функција.
Џевдет Хајредини, реномиран експерт за финансии и извонреден политички аналитичар, секојдневно објавува кратки пораки и поенти за политичкото секојдневие на Македонија. Неговите пораките секогаш се добра гимнастика за подобрување на морално-политичката кондиција на општеството.