Во денешното издание на ПОЕНТИ на Џевдет Хајредини ги објавуваме неговите размислувања за иселувањето на младите, бомбите, висината на казната за градоначалникот на Чашка и математичките пропорции во споредбите со практиките на градоначалничката на Тетово, скринингот, реформите, метлата и ДУИ…
КОЈ ЌЕ ГО СЛЕДИ ПРИМЕРОТ НА СКЕНДЕРБЕГ, А КОЈ НА ОНИЕ ШТО ВО ПРЕПОЛНИТЕ АВТОБУСИ ЗАМИНУВААТ ВО ЕВРОПА?
Деновиве дознавме дека 368.000 млади од земјава аплицирале со лотарија за американска виза. Од друга страна, на еден собир на бизнисмени од дијаспората во Тирана, еден политичар од Македонија ги повика иселениците да го следат примерот на Скендербег и на преродбениците и да се вратат да ѝ помогнат на својата татковина, додека другите „да не заминуваат од земјата, затоа што не можат да најдат подобро место од ова“. Ова, според мое мислење, не бара коментар. Кој размислува поинаку, нека ми се јави. Но, се поставува прашањето дали е возможно овој господин да не знае колку автобуси секојдневно, полни со млади, заминуваат од Македонија во Европа? Пред неколку денови, само од село Сарај за Германија заминаа четири автобуси. Овој господин, се чини, е меѓу ретките кој нашол поубав живот тука, отколку таму, иако Швајцарија, според условите за живот, е на прво место во светот.
ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА ПРЕПОРАЧА СИТЕ БОМБИ ДА СЕ ОБЈАВАТ
Тие што бараат снимките од “бомбите” на Заев да се запалат, треба да знаат дека Венецијанската Комисија препорача истите да се објават, па дури и тие со приватни разговори, доколку го допираат јавниот интерес.
Познато е дека стравот од објавувањето ги натера ДУИ и ВМРО да се обидат тоа да го забранат и со зако кој би важел не само внатре, туку и надвор од државата.
Крајно лицемерни испаднаа претходните изјави на лидерот на ДУИ дека снимките биле автентични и, што се однесува на нив, тие можат да се објават и ги повика надлежните државни органи да ги истражат сите функционери на неговата партија. А кога во СЈО го повикаа него лично, ги обвини дека ја згрешиле адресата.
ПРАВИЛО ТРОЈНО ВО МАТЕМАТИКАТА
Кога ќе биде позната казната што ќе ја добие градоначалникот на општината Чашка, затоа што 40 лица плаќал без и да дојдат на работа, на судот нема да му биде тешко да ја пресмета и да ја одмери пресудата за градоначалничката на Тетово. Само ќе го употреби начинот во математиката познат како „правило тројно“.
СЕ ЗНАЕ СТРУЧНИОТ И ОБРАЗОВНИОТ КАПАЦИТЕТ НА КАДРИТЕ НА ДУИ
Нема потреба премиерот да ја оценува работата на кадрите на ДУИ, кога се знае стручниот и образовниот капацитет, како и работното искуство на лидерот на партијата. Вака, веројатно, се постапува и во државите членки на ЕУ.
НЕ ЗНАМ ДАЛИ ИМАМ ПРАВО…
Не знам дали имам право да кажам јавно дека од премиерот не добив конкретен одговор на ниедно прашање што пред три дена му ги поставив во врска со незаконското трошењето на буџетските пари.
РОК НА ТРАЕЊЕ
Во Македонија зборот СКРИНИНГ имаше многу краток век на траење. Беше во употреба три-четири дена и исчезна заедно со реформите.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.
илустрација: Џабир Дерала – „Бирократска чизма“